Кузмановски: Сите имаме свои шанси и верувам дека сите натпревари ќе бидат неизвесни.

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски ќе ја има улогата на капитен на нашиот национален тим, а одличниот бек смета дека тимскиот дух и атмосферата што владее во репрезентацијата ќе бидат главни адути на шампионатот во Хрватска.

Нашата репрезентација е дел од групата со Унгарија, Холандија и со Гвинеја, а една победа би требало да биде доволна за пласман во следната фаза. Сепак, капитенот најавува борба за што повеќе радости во Вараждин.

„Ние немаме намера да се предадеме против било кој противник, ќе излеземе на терен со јасна желба да се обидеме да стигнеме до победа, бодрени од верните навивачи. Она што мора да ни биде приоритет – секогаш да настојуваме да ја играме нашата игра. Лошо е ако излеземе да сопствениот ритам и влеземе во игра каква што му одговара на противникот, ние мораме да останеме доследни на сопствениот стил. Можам да кажам дека групата е интересна, сите имаме свои шанси и верувам дека сите натпревари ќе бидат неизвесни. Според историјата и нашите успеси од минатото нормално дека сите гледаат на нас како на фаворити против Гвинеја, но ние мораме тоа да го докажеме на терен. Верувам дека ќе славиме на овој меч ако одиграме како што треба, свесни сме дека не смееме да го потцениме противникот бидејќи во денешно време сите напредуваат во ракометната игра“, предупредува капитенот на македонската репрезентација.

Слични