Сагосен: Шокантен пораз, чувството е како да имаме нож под грлото
Сандер Сагосен и неговата Норвешка доживеаја сензационален пораз на Светското првенство и загубија од селекцијата на Бразил во првото коло, нешто што предизвика лавина од реакции во домашната јавност.
Норвежаните се извинија на навивачите за големото разочарување, а меѓу најгласните беше Сандер Сагосен, кој рече дека играчите се чувствуваат „како да имаат нож под грлото“.
„Огромно разочарување за сите нас. Игравме против добра екипа, но јасно беше дека бодовите требаше да заминат кај нас. Имавме поддршка од трибините и не возвративме со иста мера. Се чувствуваме како да имаме нож под грлото, ќе мора да се кренеме и да продолжиме со добри настапи на турнирот“, рече Сагосен.
Норвешка ќе мора значително да ја подобри својата игра на следните два натпревари против Португалија и САД, во спротивно ќе стравува за пласманот во следната фаза, нешто што не го очекуваше никој пред стартот на Мундијалот.