Ристовски: Нема да финансираме се и сешто, па спортот не е земјоделие да се субвенционира
Министерот за спорт, Борко Ристовски истакна дека државата нема да исплаќа субвенции на екипите од Третата македонска фудбалска лига, ниту пак третолигашите од било кој друг спорт, затоа што, согласно деталните анализи, тоа воопшто не носи зголемување на квалитетот во соодветниот спорт.
За време на увидот на текот на изградбата на затворениот базен во Штип, Ристовски одговараше и на темата околу финансисиите кои фудбалот треба да ги добива како помош од државата…
„Сите мора да разберат дека спортот не е социјална мерка. Спортот не е земјоделие па да финансираме се и сешто. Треба да се знае добро во државата што ќе се финансира, начинот на кој ќе се финансира и кои се придобивките од сето тоа. Ете осум години спортот се финансира преку ваучерите, но некаков развој и резултат нема. И затоа сега сакаме да го промениме тоа, а да се бара само финансирање на нешто кое носи резултат“.
Министерот за спорт, Ристовски вели дека работите треба да се променат во спортот, а во тек е истрага и проновера на спортските пари.
„Некои работи мора да се променат и во начин на функционирање на спортскитеколективи кои ги добиваат тие средства, затоа што има голем број на проневери. Сето тоа се истражува во моментов и досега откриени се барем десеттина малверзации. Истрагата се уште трае, а кога ќе заврши ќе биде откриено се пред јавноста“ – вели Ристовски.