Ѓорѓиевски за „Слободен печат“: „Инвестираме во борбата против аерозагадувањето, казнуваме без толеранција“

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, гостувајќи во „Слободен печат“, зборуваше за повеќе актуелни теми, меѓу кои и аерозагадувањето во Скопје. Тој потенцираше дека Кисела Вода е меѓу првите општини кои презедоа конкретни чекори за следење и намалување на загадувањето, преку поставување на мерни станици, прочистувачи на воздухот во училиштата и градинките, како и зголемена инспекциска контрола.

-Ние бевме прв пример кој практично во дворот на Цементарница УСЈЕ ставивме мерач на квалитетот на воздухот. Дополнително ставивме мерач во Домот за култура „Биљана Беличанец“ и во фаза на набавка сме за два мерачи кои исто така ќе бидат поставени. Во сите училници и сите градинки во соодветни простории во Кисела Вода ставивме прочистувач на воздух кој сериозно влијае на заштита на здравјето на нашите најмили, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека општината инвестира не само во следење на квалитетот на воздухот, туку и во конкретни зелени проекти, како што се нови паркови и зелени површини кои ќе помогнат во подобрување на животната средина.

-Во тој процес сериозно инвестиравме изминативе повеќе од три години и до крајот на мојот мандат имаме уште неколку локации кои исто така ќе ги претвориме во нови парковски содржини кои на долг рок ќе влијаат во процесот на битката со аерозагадувањето, нагласи градоначалникот.

Освен инвестиции во инфраструктурата, Ѓорѓиевски истакна дека општината активно спроведува контроли и санкции за оние што придонесуваат кон загадувањето.

-Имаме чести контроли на позиции каде сме надлежни и чести изрекувања на казни без толеранција, додаде тој.

Слични