Анализа на Костов: Радар и под радарот – 250 дена прес-клипинг и аудио-видео мониторинг (6-ти ДЕЛ)

Кој го девалвира/ше македонското новинарство?

Пред да се обидам да одговорам на ова круцијално прашање, треба првин да се дадат одговори на неколку предпрашања за предметната тема. За почеток, на пример, сме се запрашале ли некогаш зошто повеќе години наназад темите од јавен интерес – Правна држава, Владеењето на законите, Неефикасноста на државните институции, Неодговорноста на политичарите, Аномично општество (општество на беззаконие), Реформата на аднинистрацијата и судството – беа потиснати од јавниот фокус на медиумите, а на преден план се ставаа/т маргинални теми, полни со сензации, афери, скандали и слични на нив. Зошто голем број на новинари, најчесто тие поискусните, се активни пропагандисти на бизнис моќниците и авторитетите од врвот на власта, и се нивни медиумски мегафони? Каде е тука, или дали воопшто го има, ангажираното, професионалното, аналитичкото новинарство? Зошто, темите наметнати како интересни, не се засновани на проверени информации, на релевантни и кредибилни извори, и на веродостојни факти? Зошто македонската демократска џунгла преферира јазик на пештерата и однесување својствено на палеолитското доба? И нај-на-крај како не видовме, бевме ли слепи при очи, дека одредени медиуми и новинарски авторитети во нив, публиката ја третираа како тесто што треба да се меси?

Зошто, навистина зошто го дозволивме тоа?

Мислам дека ако сакаме да сме вистински аналитичари, и новинари со желудник(другар ми Војо би рекол со жабец) треба да признаеме дека до тука, до медиумското дно, море до дното на медиумското дно, дојдовме поради воспевање на дегутантното и морбидно новинарство на Тричковистите, поради љубовта кон сребреници на Боки 13 инсајдерите, поради лицемерието и византиските игри на ИРЛ-дивизијата, поради денунцијантството на Независните бардови и Слободарските десперадоси, шнајдерите(сечи, лепи) од центарот, и секако, како врв на прикаската, е голата вистина дека сите нив и уште многу како нив ги диригираше мајсторот на македонската пропаганда, пи-ар масонот Марјан Забрчанец, кој тивко влезе во медиумската сфера и веднаш се самолансираше во легендите.

 

Новинарите-платеници нафатирани, а новинарството ни морално банкротирано

Сите тие топтан, и уште понекој згора, го первертираа нашето новинарство за 360° и се отиде во бестрага. Тие поданици и платеници, сакаш на УСАИД, сакаш на некоја ЕУ амбасада, најдолните и на безбедносни воени и полициски служби, а нашето новинарство девалвирано, извалкано, денунцијантско, пето-шесто колонашко. Тие нафатирани, а новинарството ни морално банкротирано.

Зошто им дозволивме на овие медиумски шалабајзери да ги игнорираат темите од  јавен интерес, да исмејуваат плејада чесни Македонци патриоти и преку медиумски атентати да ги прогласуваат за терористи и криминалци, и притоа, наместо македонски национални и државни интереси упорно во медиумите форсираа интереси на туѓи држави, од кои беа и стимулирани и платени.

Ете, таквото слугување кај туѓи стопани, ни го девалвираше и валкаше новинарството. Е сега, колку да се знае, и само колку да ве потсетам, имаше обиди, донкихотовски, да бидат истражени, откриени и разобличени. Сетете се на тројцата храбри истражувачи, Чилиманов, Србов и Мирчевски, кои своевремено ја открија целата денунцијантска и платеничка банда, го истакнаа графиконот на новинарскиот срам, и со молневита брзина отпочна прогонот на овие тројца новинарски истражители. Полиција ги спроведуваше и малтретираше, ги заплашуваа и ги обвинија, неосновано, без факти и докази. Главна улога одиграа полициските, обвинителските и судските послушници на Зоран Заев и режимот, кој нели на сет глас со “нема правда и нема мир“, без да победи на избори, ја запоседна власта и не малтретираше 7-8 години. Тоа беа најсурови властодршци, чии главни “демократски“ алатки им беа, етикетирање, политички прогон и терор, прогласување непријатели на државата (читај власта), следење на личности, наводно опасни за безбедноста на државата, прогласување националисти и клеронационалисти, па дури и стигматизирање. Уништија голем број невини поединци и цели нивни фамилии.

 

Кој ќе ги чисти смрдените новинарски Авгиеви штали?

Денес, јавно барам, како новинар, аналитичар и јавна личност, да се поведе постапка, според закон предвидена и уредена, за откривање на инквизиторите, ен-ка-ве-де политкомесарите и џелатите, кои се одговорни за прогонот, малтретирањето и тероризирањето на тројцата невини истражувачи, кои ни ја открија вистината за новинарите-платеници и медиуми-денунцијанти, ама режимот ја закопа вистината и ги заштити платениците, кои подоцна, се до УСАИД разобличувањето, направија уште поголема беља. Се прашувам ќе ме чуе ли некој, ќе се одважи ли некоја надлежна институција, да започне со чистењето на нечистите новинарски Авгиеви штали (34 години неисчистени)? Не треба многу, доволен е еден полициски инспектор, еден обвинител или еден судија, кои не мора да се некој си Херкул, полубог, туку нека бидат обични праведници, кои би исправиле една голема неправда. Никогаш не е касно. Или, како-и-до-сега, ќе ги чекаме Америте кои сега ја тресат Босна и Херцеговина, тие да го исчистат новинарскиот смет во Македонија.

Сотир Костов

 

Оваа анализа го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на курир.мк во целина

 

Слични