Ново фудбалско игралиште во Прилеп

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, денеска официјално го пуштија во употреба новото фудбалско игралиште со вештачка трева, изградено според ФИФА стандарди.

Игралиштето се наоѓа во рамките на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп и претставува уште еден успешно реализиран проект на Министерството за спорт, насочен кон подобрување и модернизација на спортската инфраструктура во државата.

-Вакви спортски игралишта се потребни и на Прилеп и на цела Македонија. Затоа и таа е нашата интенција во Министерството за спорт, да направиме што е можно повеќе игралишта и спортски терени и да привлечеме што повеќе деца да спортуваат, а со самото тоа да градиме и здрава нација. Нашата заложба е да вложуваме во спортската инфраструктура како основа за развој и за напредок на спортот и во тој дел со нашите инвестиции да придонесуваме за развој и на училишниот и на врвниот спорт – истакна министер Борко Ристовски.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, изрази благодарност за реализацијата на овој проект и нагласи дека новото игралиште ќе биде од големо значење за учениците од гимназијата, но и за локалните спортски клубови и рекреативци и за подигнување на спортскиот дух во Прилеп.
Во текот на посетата на Прилеп, министерот Борко Ристовски се осврна и на состојбата со другите спортски објекти во оваа општина и на текот на процедурите за нивна санација нагласувајќи дека Министерството за спорт ќе стои на тоа што е ветено.

– За да ја скратиме целата процедура околу реконструкцијата и стопанисувањето со салата во Прилеп, по анализата на состојбата и во договор со сите страни, донесовме поефикасно решение. Наместо Министерството за спорт да ја побарува салата во Прилеп која сега е под Акционерското друштво за изградба и стопанисување со јавен и деловен простор и повторно да ја дава на користење на компанијата „Комфи Ангел“ којашто е заинтересирана за користење на салата, ние донесовме решение да го прескокнеме тоа преземења преку министерството па оттаму да се предава салата на користење на „Комфи Ангел“ и на РК Прилеп. Обавивме разговори со директорот на АДИСЈДП, иницирани се неколку состаноци со компанијата „Комфи Ангел“ и сега меѓу нив ги договараат работите за компанијата „Комфи Ангел“ да ја реконструира салата за таа да им биде дадена на користење на подолг период. Што се однесува за салата „Македонија“, договорот со сегашниот концесионер ќе биде раскинат во најбрз можен рок. Засега сѐ уште немаме обезбедено буџет за реконструкција, но се надевам дека до крајот на годината буџетот ќе биде обезбеден и тогаш ќе го раскинеме договорот, ќе ја реконструираме салата и таа ќе биде вратена на Општина Прилеп на користење. За спортскиот комплекс „Маркови кули“ договорот е истечен и ќе го земеме под стопанисување на Министерството за спорт. Идејата за овој спортски комплекс е да најдеме инвеститор којшто е заинтересиран и тој да биде даден на користење по принципот на јавно приватно партнерство – појасни Ристовски.

Тој потенцираше дека Министерството за спорт продолжува со реализација на инвестициите во спортската инфраструктура низ целата држава со цел да се создадат модерни и достапни спортски објекти за сите граѓани.

Во изминатиов период со инвестиција на Министерството за спорт изградени и реконстурирани се 12 фудбалски, кошаркарски и мултифункционални игралишта во повеќе општини.

Слични