Празнична фото изложба во битолската библиотека
Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, по повод Меѓународниот ден на жената промовира изложба на фотографии посветена на храбрите феминистки кои се бореле и сè уште се борат за правата, достоинството и еднаквоста на жените.
Изложбата ги истакнува имињата на жени кои како гласноговорнички на своето време, направиле значајни промени и отвориле пат денешните девојки и жени да можат рамноправно да застанат рамо до рамо со мажите, посочија организаторите на празничната изложба.
– Жените низ историјата се соочувале со предизвици, но никогаш не се откажале. Токму затоа, овој ден не е само повод за честитки, туку и потсетник дека патот кон вистинската еднаквост сè уште трае. Да ги славиме успесите, силата и храброста на жените. Да продолжиме заедно да ја кршиме родовата нееднаквост и да градиме општество во кое секоја девојка и жена ќе има еднакви можности, нагласија од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола.
Посетителите на изложбата се информираат за делата на Клара Цеткин, Роза Луксембург, Александра Михајловна Колонтај, но и за првата аптекарка на Балканот битолчанката Рајна Алексова, Славка Динкова и други истакнати македонки, познати феминистки.