50 години јубилеј од основањето на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија
Со големо задоволство, гордост и искрена благодарност, го најавувам одбележувањето на два важни настани за нашата држава. Првиот е јубилејот 50 години од основањето на Клиниката за нефрологија, тоа значи половина век посветеност, напредок и грижа за пациентите. Овој значаен настан го славиме заедно со Светскиот ден на бубрегот – симбол на нашата континуирана заложба за унапредување на здравјето на нашите пациенти, соопшти ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија науч.сор.д-р Никола Ѓорѓиевски.
Во овие пет децении се минуваше низ бројни предизвици, но се успеваше да се изгради институција која е синоним за стручност, иновација и хуманост. Тешко е да не се навратиме на нашите истакнати професори кои оставија трајни белези во развојот на нефрологијата во Македонија, како Проф. Хрисохо, Проф. Масин, Проф. Поленаковиќ, Проф. Шиколе и многу други, кои со своето знаење и мудрост ни ја пренесуваа темелната стручност што ја има денешната клиника, потенцираа во соопштението.
Овој јубилеј е потсетник дека успесите доаѓаат со заедничка работа, со страст кон она што го правиме и со верба во мисијата што ја носиме.
„Кога зборуваме за развојот на Нефрологијата во Македонија не сомнено морам да го издвојам првото Хемодијализно лекување направено во далечната 1959 година кај пациент со Акутно Бубрежно оштетување, а потоа во 1971 година е воспоставено Хемодијализното лекување како хроничен третман кај пациентот во треминален стадиум или последен стадиум на хронично бубрежно оштетување. Исто така не смееме да го заборавиме почетокот на креирањето на васкуларни пристапи кои започнува во 80-тите години на минатиот век.
Кога зборуваме за бубрежните заболувања неизбежно е да го истакнеме периодот на првата трансплантација на бубрег во Македонија која беше изведена во 1977 година, само 20 години подоцна од првата трансплантација во светот, која се случила во 1954 година во САД. Од тогаш па до ден денешен се изведени преку петстотини трансплантации како од жив донор така и од починато лице (кадавер).
Oдбележувањето на денот на бубрегот претстува одговорност пред нашите пациенти како потсетник дека ние лекарите постоиме за пациентите и дека сите ние еден ден ќе бидеме пациенти. Основната цел е подигнување на свесноста за бубрежното здравје, па затоа секоја година на најразличен и иновативен начин го формираат мотото за здравјето на бубрезите. Оваа година како што може да видите и од самото лого, мотото е РАНА ДЕТЕКЦИЈА БУБРЕЖНА ПРОТЕКЦИЈА.
Од минатата година на нашта клиника се започна со третман на пациенти со нови иновативни лекови со цел да се успори прогресијата на хроничното бубрежно заболување и да се одложи почетокот со хемодијализно лекување. Исто така во изминатиот период за првпат во државата се организира скрининг за пациентите со ретки болести, бидејќи раното поставување на дијагнозата е придобивка за сите.
Веруваме дека со здрава нација ќе имаме здрава држава, а тоа значи стабилност, напредок и просперитет за сите граѓани. Во иднина, нашата цел е јасна – обезбедување квалитетна, навремена и современа здравствена заштита“, потенцираа од ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија.
Со почит кон минатото, со одговорност во сегашноста и со амбиција за иднината, продолжуваме да ја градиме оваа институција – не само како место на професионален раст, туку и како заедница што остава траен белег, стои во соопштението.