Ристовски во „Наткаст“: Наша работа и цел е да направиме што е можно подобри услови за спортисти за да ги подобрат резултатите
Девет месеци по формирањето на Министерството за спорт, министерот Борко Ристовски во „Наткаст“ на Курир со Љупчо Цветановски, говори за досегашните проекти и состојбите во македонскиот спорт.
-Не можам да кажам дека во однос на резултатите кои репрезентациите и поединците ги постигнуваат има некој напредок, меѓутоа тоа и не е работа на Министерството за спорт. Наша работа и цел е да направиме што е можно подобри услови за спортисти за тие непречено функционираат, се развиваат и да ги подобрат своите резултати, вели Ристовски во „Наткаст“.
Министерот смета дека се на подобар пат на полето на создавање на услови за успешна спортска нација.
-Отпочнавме и завршивме голем број на капитални инвестиции, реконструиравме доста спортски игралишта. Набрзо ќе почнеме и спортски сали да градиме. Мислам дека овие девет месеци беа доста успешни пред се за македонскиот спорт, но и за Министерството, истакна Ристовски.
Истакна дека наследиле институција која била во лоша состојба, која немала финансиски средства.