„Нова Македонија“: Кој е во „внатрешниот круг“ на Јавното обвинителство?

Сериозна полемика се отвори во јавноста по најавите од страна на Владата за смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски поради незадоволство од неговото досегашно работење, а како директен повод за ваквиот чекор беше посочено неодамнешното назначување раководител на Вишото јавно обвинителство – Скопје надвор од законските рамки.

И додека копјата се кршат околу тоа дали бил прекршен законот, дали јавниот обвинител ја оправдал довербата и дали вината за лошите состојби со корупцијата лежи токму во непостапувањето на јавниот обвинител, на површина почнуваат да испливуваат сите апсурдни акробации направени во законите само да се заштити судско-обвинителската фела, анализира Нова Македонија.

Наместо инклузивен процес за избор на квалитетен јавен обвинител, заткулисни калкулации во Советот на обвинители

Имено, со измените на Законот за Јавно обвинителство од пред пет години се направени такви интервенции што оневозможуваат какво било назначување јавен обвинител што би бил надвор од затворениот круг што го контролира Советот на јавни обвинители. На тој начин тие суптилно воспоставиле целосна контрола за тоа кој ќе ги води обвинителствата во државата, вклучувајќи ја и челната позиција во ЈО.

Условите за избор на јавен обвинител од членот 61 од овој закон предвидуваат дека за јавен обвинител на Република Македонија може да биде именувано лице што има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Понатаму, во членот 63, став 2, уште се додава дека јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители на Република Македонија без ограничување на траење на мандатот под услови и во постапка утврдени со закон, додека во ставот 3 стои дека Советот на јавни обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, пишува весникот..

-Попластично кажано, дури и да се случи смената на Коцевски, ако не се направат сериозни зафати во Законот за Јавно обвинителство, односно не се врати состојбата пред измените, тогаш неговиот наследник повторно ќе дојде од редот на обвинителите, односно од оние што со години се познати по своето (не)работење и со тоа директно придонесоа за лошите состојби во борбата со корупцијата и криминалот. Ако законот не се промени, тогаш нема ништо да се смени, односно Советот на јавни обвинители ќе предложи кадар за јавен обвинител што е под негова контрола и на тој начин ќе продолжи праксата на непостапување по предметите. Колку за споредба, претходното законско решение предвидуваше за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител да може да биде именуван државјанин на Република Македонија што ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос во државен орган, дипломиран правник со соодветна насока со положен правосуден испит, кој ужива углед за вршење функција на јавен обвинител, односно заменик-јавен обвинител. Потоа, за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител на основно јавно обвинителство лицето треба да има и работно искуство со потврдени резултати по положениот правосуден испит на правни работи од три години, а седум години за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител во вишо јавно обвинителство. За јавен обвинител и заменик-јавен обвинител лицето треба да биде истакнат правен стручњак и да има работно искуство со потврдени резултати на правни работи од дванаесет години. За јавен обвинител и заменик-јавен обвинител може да биде именуван и редовен или вонреден професор на правен факултет што држел настава по правен предмет во непрекинато траење од најмалку десет години во истото или во пониско наставничко звање, пишува Нова Македонија.

Целата анализа прочитајте ја на Нова Македонија

Слични