Фeноменот Томсон
Томсон е името кое повеќе години наназад се наоѓа во мислите и устите на многумина, разделувајќи ги, но и соединувајќи ги. Неговата музика одекнува низ хрватската јавност како глас на патриотизмот, а паралелно со тоа и како симбол на контроверзија. Во центарот на неговата популарност стои нешто што го прави уникатен – неговиот феномен не е само музички, туку и културно-политички. Но, што всушност го прави Томсон феномен?
Томсон, или како што го нарекуваат, „пеачот на Хрватската војна за независност”, е дел од новата генерација која го гледа патриотизмот како начин за самоизразување. Неговите песни, исполнети со храброст, љубов кон татковината и сеќавања на тешките времиња од војната, не се само музика, туку и декларација за идентитет. За многумина, тој е симбол на хрватскиот патриотизам, носител на историски наратив што се пренесува од поколение на поколение. За младите, тој може да биде икона, а за другите, причина за контроверзија. Но, без разлика на тоа како го гледаме, неговиот феномен е неоспорен – многу поголем од тоа што е само на естрадната сцена. Томсон создава и пее песни кои се микс од патриотски и националистички мотиви и традиционални хрватски музички фрази во современи стилови (рок и хард рок), што го прави привлечен за многу млади луѓе кои сакаат да слушаат музика со патриотски карактер, но истовремено се модерни и динамични. Неговите песни често содржат текстови за херојство, Бог, татковина, вера, семејство и историја. Се работи за алузии на хрватското страдање, гордост и победа кое одлично поминува кај публиката. Неговата музика не само што влијае на културната сцена, туку и на политичките дебати, создавајќи контроверзии кои ја надминуваат музичката сцена и преминуваат во јавниот и политичкиот дискурс.
Но, ако се навратиме на помладата публика која го следи, ќе забележиме една интересна и многу значајна појава. Таа генерација која не ја доживеала војната и која не ја носи истата тежина на историјата, го гледа Томсон низ една друга призма. За нив, неговата музика е поврзана со идеја за национална гордост, со чувство на припадност кон некоја идеја и историја, без да го разбираат во целост контекстот во кој тие песни настанале. Овој патриотизам, кој може да биде и емоционален и политички, за младите е начин да се поврзат со некои аспекти на нивната национална историја и култура. Неговата музика често ја истакнува љубовта кон татковината, што може да биде важно за младите кои сѐ уште формираат свои национални идентитети. За многу млади луѓе, неговата музика и симболика се само еден начин да се изразат нивните чувства на национална гордост и припадност, додека за другите, таа претставува опасност од оживување на стари, болни спомени кои никогаш не биле целосно решени.
Целата колумна можете да ја прочитате на МКД.мк