„Мелодија што трае“ – концерт што ја оживува душата на македонската традиција
На 9 април 2025 (среда), со почеток во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, ќе се одржи ексклузивниот концерт „Мелодија што трае“, во изведба на учениците и професорите од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје.
Концертот претставува едночасовно музичко патување низ делото на д-р Трпко Бицевски, еден од најзначајните македонски етномузиколози, кој зад себе остави над 15.000 мелографски записи. Тие записи, сочувани во неговите изданија на збирки на песни, депонирани во Архивот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, сега добиваат нов живот преку изведбите на младите уметници и нивните ментори професорите Гордана Тасева Илиевска, м-р Мелита Ивановска, м-р Вера Милошeвска – Јосифовска, м-р Тијана Јаневска, Ленче Димовска и Антонио Стојчески.
Песните од пределите како Костурско, Воденско, Кукушко, Демирхисарско, Мегленско и други делови од Егејска Македонија, ќе бидат претставени со автентична звучна слика – преку оркестар составен од традиционални и чалгиски инструменти. Аранжманите се на проф. д-р Драган Даутовски и на д-р Тимко Чичаковски, кои се изведуваат од учениците од насоката и професорите м-р Христијан Николовски, Оливер Настовски, Драги Полизовски и д-р Александра Кузман.
„Ова не е само концерт. Ова е враќање кон корените, момент кога музиката ја продолжува традицијата и говори онаму каде зборовите запираат“, изјавуваат организаторите.
Влезот е слободен.