По 70 години од изградбата се реконструира надвозникот на влезот во Гевгелија
По седум децении од изградбата за прв пат се врши реконструкција на надвозникот и коловозот на влезот во Гевгелија, информираа од Општината на нивната официјална страница.
Овој проект се реализира со средствата од Јавниот повик на Министерството за локална самоуправа и Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти, а преку Министерството за транспорт и врски.
Како што се наведува во пренесената изјава на градоначалникот Андон Сарамандов, градежните активности опфаќаат реконструкција на коловозот со поставување полимерна мрежа за стабилност на асфалтот, реконструкција на тротоарите по целата должина, поставување нова ограда на мостот, промена на старите споеви (дилатациони ленти) за поврзување на мостот и изградба на атмосферска канализација на критичните точки од коловозот.
-Со реализацијата на овој проект влезот во Гевгелија ќе го промени својот лик, а потоа ќе следува уште еден голем проект за изградба на голем кружен тек во непосредна близина на влезот, стои во изјавата на Сарамандов.
Тој упати апел за поголемо внимание до учесниците во сообраќајот заради времениот сообраќаен режим што е во сила според техничката документација.