,,Битката за македонштината мора да се бие и во Албанија‘‘
Парламентарните избори што ќе се одржат во Албанија на 11. Мај според тамошниот изборен модел не ветуваат дека македонското малцинство може да обезбеди пратенички мандат, со самостоен настап. Оттаму одлуката на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) да коалицира со владеачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама се чини логичен избор за застапување на интересите на Македонците кај западниот сосед во парламентот. За тоа место, втор мандат бара лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски.
Но, зошто е важно Македонците да бидат застапени во албанскиот парламент токму сега?
Заради бугарската стратегија за негирање на македонскиот идентитет и добро познатата тактика на поткуп на Македонците во Албанија со државјанства, пасоши, таблети, книги и слично, и преку бугарската амбасада во Тирана и преку фондацијата „Бугарска меморија“, како посредник со официјална Софија.
А, притисоците и поткупот од амбасадата и од фондацијата не застанаа и по пописот. Ако преходно за Бугарин не се изјаснил НИТУ ЕДЕН, со активностите на овие организации и институции, за прв пат во Албанија бројот на бугарско малцинство изнесува речиси 8.000, а бројот на македонско 2.281. И сето тоа како резултат на заканите од Софија до Тирана со вето доколку не го признае до тогаш непостоечкото бугарско малцинство, со што се отвори патот за засилена агитација и асимилација на Македонците со добро познатите средства – пасош за Европа, со само еден исказ дека се чувствуваат Бугари или имаат бугарски корени.
Попуштањето на сите албански партии под заканата со вето на евроинтегративниот пат е тоа што ги остави Македонците без заштита од државата во која живеат. Но, тоа што ветува е можноста Македонец повторно да стане пратеник, во исто време кога нема ниту еден ,,Бугарин‘‘ на кандидатските листи. Само така вистината за Македонците во Албанија ќе биде гласна и видлива.
Токму, Стерјовски, како лидер на МАЕИ е мета на бугарската пропаганда.
Во Основниот суд во Корча се одржа второто рочиште по тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, против единствената партија на Македонците во Албанија. Адвокатите на фондацијата тврдат дека МАЕИ со официјален допис до албанскиот државен врв и меѓународните институции побарала забрана на активностите на оваа фондација, при што, според нив, ја наклеветила дека „корумпира албански функционери со цел асимилација на Македонците” како и дека учествува во создавање „криминална група поврзана со бизнисот со бугарски пасоши, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението во Албанија”. Фондацијата бара од МАЕИ оштета во висина од 10.000 евра и јавно извинување, тврдејќи дека е добротворна организација која преку донации помага, без никакви асимилаторски цели. Но, Стерјовски пред судот посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”. Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”. Иако адвокатите на фондацијата се подготвени на спогодба, Стерјовски ја одбива бидејќи таа бара извинување и прекинување со јавните обвинувања.
„Ние сме Македонци и никогаш нема да прифатиме дека сме Бугари“, повторува Стерјовски пред судот, додавајќи дека преку оваа тужба се врши притисок да се замолчи единствениот политички субјект што се бори за правата и идентитетот на Македонците во Албанија.
Овој судски процес всушност ја разоткрива целата бугарска тактика. На слични организации, како таа на Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“ му е забранет влез во земјава поради непријателско агитирање и ширење омраза.
По катастрофалните резултати на пописот во Македонија, стратегијата на Софија е јасна – да покаже дека не е можно во Македонија да има 3.500 Бугари, а преку една држава да ги има 8.000.
Затоа што повеќе Македонци пратеници, градоначалници и советници и во Албанија, толку повеќе желбата за санстефанска Бугарија во која живееле само Бугари станува небулозна.
И затоа, БИТКАТА ЗА МАКЕДОНШТИНАТА МОРА ДА СЕ БИЕ И ВО АЛБАНИЈА!