Британија најавува воена помош на Украина од преку 510 милиони евра

Велика Британија во петокот најави дека ќе ѝ додели на Украина 580 милиони долари (повеќе од 511 милиони евра) воена помош спроти самитот на контакт-групата за Украина.

Велика Британија кажа дека, во соработка со Норвешка, 580 милиони долари ќе бидат потрошени за помош на Киев со стотици илјади борбени дронови, радарски системи и противтенковски мини, како и за поправка и одржување на украинските оклопни возила.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили и германскиот министер за одбрана Борис Писториус заеднички ќе го водат 27-от самит на контакт-групата за одбрана на Украина во петок.

Спроти состанокот во Брисел, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров кажа дека тоа е клучно прашање за јакнење на воздушната одбрана на неговата земја. „На Украина ѝ е потребен доволен број модерни системи како „патриот““, кажа тој во објавата на социјалните мрежи.

„Потребна е политичка одлука за набавка на овие системи со цел да се заштитат градовите, селата и животите на нашите луѓе – особено од заканата од руските балистички ракети. Нашите партнери имаат такви системи на располагање“, рече Умеров.

Руските сили имаат предност во војната во Украина, која сега навлезе во својата четврта година.

Украинските официјални лица и воените аналитичари веруваат дека Русија се подготвува за почнување нова воена офанзива во следните седмици за да го зголеми притисокот и да ги зајакне позициите на Кремљ во преговорите за примирје.

На состаноците на контакт-групата за Украина претседаваше американскиот министер за одбрана сè додека Доналд Трамп не ја презеде должноста претседател во јануари.

Од тогаш Хили ја врши оваа должност, а својот прв состанок го водеше во февруари.

Британското министерство за одбрана рече дека новиот и „голем“ пакет воена поддршка ќе биде испорачан од страна на британските и украинските доставувачи за да помогнат во јакнењето на оружените сили на Украина во нивната борба за одбрана од руските напади.

Слични