Ристески: Мерката за ограничување на бруто профитните маржи дава резултати

Мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците дава резултати и има дефлација од 1,3 отсто во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто, оцени денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Претходно направивме и одредени законски промени, особено во Законот за заштита на потрошувачи со транспарентност на цените согласно кои малите, големите и средните маркети мора транспарентно да ги објавуваат цените на нивните веб страници. Тоа ќе им даде можност на купувачите да одлучат од каде ќе купуваат, изјави Ристески во одговор на новинарско прашање пред почетокот на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.

Нагласи дека тоа е израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува во Израел, Италија, Хрватска.

– Една од новите можности за контрола на цените е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена. Покрај тоа, оперативно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, која ревносно работи од јануари наваму, откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало, прецизира Ристески.

Слични