ФОТО: Само седум жени во светот имаат право да носат бело во присуство на папата
Папата Франциск почина во понеделникот наутро, а една од своите последни приватни аудиенции ја одржа на 9 април во резиденцијата „Каса Санта Марта“ во Ватикан, каде што се сретна со кралот Чарлс и кралицата Камила по повод нивната 20-годишнина од бракот.
Кралицата Камила носеше црн фустан за пригодата, но поради нејзината титула не мораше да носи превез. Имено, според ватиканскиот протокол, жените треба да носат долги ракави, свечена црна облека и црн превез на главата кога се среќаваат со папата. Сепак, постојат исклучоци.
Само седум жени во светот имаат право да носат бело во присуство на Папата, според традицијата наречена „il privilegio del bianco“ на италијански, односно „привилегија на белото“. Тој исклучок е резервиран исклучиво за одредени католички кралици и принцези, кои имаат право да носат бело на папските настани, како што се приватни аудиенции, канонизации и специјални миси.
Меѓу нив се Шарлин, принцезата од Монако, кралицата Матилда од Белгија, кралицата Летиција од Шпанија, Големата војвотка Марија Тереза од Луксембург и принцезата Марина од Неапол. Освен нив, оваа привилегија ја имаат две кралици чии сопрузи повеќе не се на тронот, имено кралицата Софија од Шпанија и кралицата Паола од Белгија.
Постоењето на таа привилегија не значи дека тие мора да носат бело. На пример, кралицата Матилда носеше бело кога се сретна со папата во септември 2024 година, додека сопругата на принцот Алберт, Шарлин, понекогаш носеше црна облека.
Инаку, тоа е многу ретка и симболична чест во рамките на Католичката црква. Привилегијата е многу ограничена и се однесува само на жени од католички кралски семејства, кои имаат право да носат бела облека и превез за време на приватна аудиенција кај Папата, наместо традиционалната црна облека што симболизира понизност и почит кон Светиот Отец.
Белата боја се носи исклучиво за време на формални, приватни аудиенции со папата, најчесто во Ватикан, и со претходна дозвола од папата. Тоа е многу протоколарен чин што ја одразува и религиозната припадност и статусот во рамките на Католичката црква.