Голот на Вардар е регуларен, неспортскиот однос на Воска
Средбата меѓу фудбалските тимови на Воска Спорт и Вардар во рамките на 28. коло на Првата македонска фудбалска лига не го доживеа својот крај.
Домашните фудбалери од револтирани од неколку судиски одлуки реагираа импулсивно напуштајќи го натпреварот. За ова Вардар ќе добие службена победа, а можна е и бодовна казна за Воска.
Судиската организација направи анализа на спорните моменти од викенд рундата во мак-фудбалот. Според анализите, Воска не е оштетена во натпреварот со Вардар и голот за израмнување е назначен како регуларен.
Во анализата на Судиската организација се вели:
Натпреварот меѓу Воска и Вардар беше прекинат во 76. минута, откако домашниот тим го напушти теренот. Посочуваме дека реакцијата беше засновата врз субјективно толкување на моментот.
Видео-материјалите од посочениот момент при постигнувањето на израмнувачкиот погодок за гостинската екипа не потврдуваат никакво прекршување на правилата на фудбалската игра, ниту се погрешно интерпретирани. Одлуката на судијата не може да биде оценета како погрешна.
Одлуката на Воска Спорт да го напушти теренот претставува сериозен преседан, непрофесионален и крајно неодговорен чин. Тоа е во спротивност со духот на спортот, основните фудбалски причини и фер-плеј вредностите. Фудбалската игра подразбира почитување на процесите, институциите и правилата на играта, дури и кога има несогласување. Со самоволно прекинување натпревар во професионално натпреварување како ПМФЛ се испраќа недобредојдена порака. Ваквиот однос мора јасно и недвосмислено да биде санкциониран.
Оценката за судискиот тим од страна на контролорот Џенан Хајдари е оценет со високи 8,4.
Целосната анализа за судењето во 28. коло на ПМФЛ погледнете ја на ОВОЈ линк.