Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија( 6.ДЕЛ)
Универзално прифатениот принцип на етичко однесување е содржан во познатата изрека на германскиот филозоф Емануел Кант: “Не прави на други тоа, што не сакаш тебе да ти го прават”. Покрај споменатиот принцип за проценувањето на етичноета, односно неетичноста во однесувањето на луѓето, групите и организациите во праксата на живеење и работење прифатени се и следните начела: а) Корисност – најголемо добро, за најголем број лу|е; б) Личноста – како поединец и неговите долгорочни интереси; в) Правата на секој човек, кои се однесуваат на почитување на темелните права на луѓето, како што се, право на живот, рамноправност пред законите и слично; г) Почитување на законите, при што однесувањето се третира како соодветно доколку е во согласност со законските одредби и истите не ги прекршува.
Проблемите на етиката во концепцијата на вредности, односи и соработка, слични се на оние во деловната/политичка етика. Покрај можните етички дилеми во врска со односите со граѓаните/клиентите, менаџерите/политичарите мораат да ги решаваат и проблемите кои произлегуваат и од односите со вработените, доставувачите, дистрибутерите и сите останати соработници во ланецот на создавање и додавање на вредности.
Сомнително етичко однесување на субјектите во македонскиот општествен живот?
Сомнително етичко однесување на субјектите на општествениот живот во Македонија е возможно во сите области работење. Така на пример можно е неетично однесување во процесот на истражувањето на пазарот, во вид на манипулација со прашањата во анкетите и интервјуата. Следна област на потенцијални етички дилеми е областа на промотивни комуникации на организациите и институциите. Ова посебно се однесува на рекламата. Се поставува прашањето треба ли да се претерува во рекламирањето на својата понуда прикажувајќи ги понудените вредности со имагинарни својства, кои тие ниту ги немаат, ниту пак можат да ги имаат. Дали е етично да се измамуваат граѓаните/клиентите, со невистинити реклами и јавни кампањи? Или пак во право се стручњаците за маркетинг, кога велат дека во тоа нема ништо неетично!? Тие често пати се наоѓаат на “лизгав“ терен на кршење на етичките принципи, кога со најразлични поклони изразуваат внимание на своите деловни партнери во бизнисот и политичките субјекти во политиката. Тоа е така бидејќи од ситните поклони, до митото и корупцијата во деловните и политичките односи многу е краток патот.
Во сите напред наведени примери на примена на економска, социјална и политичка активност, етичките принципи и начела играат значајна улога. Етиката е додатна вредност која фирмите, организациите и институциите ја надоградуваат на понудените основни вредности на пазарот(економски и политички). Работењето според етички принципи доведува до извонредно конкурентски предности. Многу е битно, без разлика дали станува збор за државни институции, профитни организации, или пак организации на непрофитниот сектор, луѓето што работат во нив да имаат високи етички принципи и одговорно морално однесување. Прашањето дали однесувањето на стејхолдерите ќе се насочува и обликува во етичка или неетичка насока, зависи од следните елементи:
Какво е семејното воспитување на личноста, кои религиски вредности ги поседува и какви се неговите лични стандарди и потреби;
Каков е менаџерот/политичарот,уметникот/спортистот, како член на конкретна организација/институција, која има своја култура, деловна етика и кодекс на однесување;
Какво е однесувањето помеѓу претпоставените и соработниците;
Видот на деловната/политичката/културната околина, т.е какво е законодавството, кои се пропишаните норми, какви се усвоените вредности од општеството во целост, но и фирмите, организациите и институциите посебно.
(продолжува)
Сотир Костов