Барозо: Европа мора да преземе поодговорна улога во одбраната

Европа мора да престане да биде геополитички адолесцент каков што е сега и мора да преземе поодговорна улога во полето на одбраната, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо.

Според него, во Европа постои некоординираност меѓу земјите околу начинот на трошење на средствата одвоени за одбранбени потреби.

-Основниот проблем на европската одбрана не е недостигот на инвестиции, туку дисфункционалноста и некомпатибилноста што постојат помеѓу различните системи, изјави Барозо во обраќање на собир посветен на португалската национална одбрана, што се одржа во Воената академија во Амадора, во близина на Лисабон.

Барозо во говорот истакна дека дури и зголемување на средствата за одбраната од сегашните два отсто од БДП на три или 3,5 проценти, за што верува дека ќе биде постигнат договор на претстојниот Самит на НАТО, нема да ги реши одбранбените проблеми на Европа, туку дури и може да ги зголеми.

Според него, европските земји треба повеќе да инвестираат во одбранбената индустрија и истражувањето, по примерот на САД, чии инвестиции во одбраната и овозможија на земјата „денес да биде водечка технолошка сила во светот“.

-Постои многу силна свест за опасноста со која се соочува Европа и потребата да се инвестира во одбраната, но тоа мора да го почувствува и јавноста, рече Барозо.

Тој, како што јави португалската агенција Луса, порача дека е „неизбежно“ да се зголеми одбранбениот капацитет на Европа и дека е „прерано“ да се прогласи дека „НАТО е мртов”.

Барозо се осврна и на војната во Укрина, посочувајќи дека не гледа знаци оти во „догледна иднина е можно мировно решение“, затоа што рускиот претседател Владимир Путин е „заинтересиран да одржува ситуација на латентен конфликт“.  (МИА)

Слични