Хамас го осуди говорот на Абас

Хамас денеска го осуди претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, кој припадниците на исламистичкото движење ги нарече кучкини синови.

Членот на политичкото биро на Хамас, Басем Наим го осуди Абас за употреба на „јазик кој понижува … значаен и составен дел од сопствениот народ“.

– Абас сомнително, повеќе пати го обвинуваше Хамас за злосторствата на окупаторот и неговата постојана агресија против нашиот народ, посочи Наим.

Абас денеска побара од Хамас да ги ослободи израелските заложници, да се разоружа и да ја предаде контролата над Појасот Газа за да стави крај на војната помеѓу Израел и палестинското движење.

– Хамас му дава на криминалниот окупатор (Израел) изговори да изврши злосторства во Појасот Газа, меѓу кои најистакнат изговор е држењето заложници. Кучкини синови, ајде само ослободете ги и да се заврши со тоа. Лишете ги од изговори и поштедете не, наведе Абас.

Хамас и Палестинската самоуправа со децении не се согласуваат, поради што Палестинците немаат единствено лидерство. За голем број Палестинци, Абас е политички неважна личност, не само поради неговите 89 години.

Слични