Санчез најавува рекорден воен буџет за да ги исполни стандардите на НАТО
Шпанија ќе успее да издвои два отсто од БДП за армијата и со тоа да ги исполни стандардите на НАТО, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.
Санчез рече дека владата ќе го зголеми воениот буџет за 10,5 милијарди евра, за да се постигне целта на НАТО од два отсто од БДП издвоен за овие цели.
Шпанија минатата година потроши најмалку од сите членки на НАТО за одбрана, иако претходно вети дека ќе го достигне стандардот на НАТО до 2029 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека Европа не троши доволно за сопствената одбрана и ги тераше членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на дури пет отсто од БДП.
Соочувајќи се со „ерата на промени“, Санчез рече дека е време Шпанија „да ја преземе контролата над својата судбина“ и да придонесе за повторно вооружување на Европа.
„Да ме прашавте пред многу години за приоритетите на мојата влада во инвестирањето во безбедноста и одбраната, очигледно мојот одговор ќе беше поинаков. Тоа не е затоа што нашите вредности се сменија, туку затоа што светот се промени“, рече Санчез. (МИА)