Љутков: Верувам во театарот како морална и уметничка вертикала, како министер мојата задача е таа вертикала да стои цврсто

Вработените во културата протестираат за неисплатената плата и новите пресметки на плати. Се најавуваат тужби и протести, а директорите во институциите од културата се повикуваат да не постапуваат по упатствата на Министерството. Кое е решението за надминување на проблемот со платите?

ЉУТКОВ: Веднаш да информирам дека исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата заврши и вработените ги добија своите плати. Морам да истакнам дека Министерството за култура и туризам во координација со Министерството за финансии деновиве беше целосно посветено на решавање на проблемите во врска со исплатата на платите за културниот сектор.

Инаку, да потсетиме дека задоцнувањата на исплатата беше резултат на неусогласена и недоволно јасна примена на два важни колективни договори: Колективниот договор за култура и Општиот колективен договор за јавниот сектор. Несогласувањата околу новите пресметки на платите произлегоа токму од технички и административни проблеми поврзани со новиот модел за пресметка, кој беше имплементиран со цел унапредување на системот, но очигледно предизвика низа недоразбирања.

Истовремено, сакам да потврдам дека социјалниот дијалог со претставниците на Синдикатот продолжува. На средбите, во духот на заемна почит и партнерство, ќе ги разгледаме сите отворени прашања бидејќи само така можеме да изнајдеме долгорочни решенија.

Гласот на колективното искуство, жив организам што го пулсира ритамот на времето. Вака го опишувате театарот. Какви инвестиции и поддршка ќе има во театрите во Македонија, во подобрување на условите за вработените, но и збогатувањето на репертоарите?

ЉУТКОВ: Тоа што го нареков „жив организам“ не е метафора, туку суштината на театарот. Тој е жив, затоа што живее преку луѓето – уметниците, публиката, текстот, тишината меѓу зборовите. Како актер, тој ритам го чувствувам, а како министер, пак, моја обврска е да го слушам, да го негувам и да создадам услови тој да расте, да живее, да се обновува и да се развива.

Годинава средствата за театарската дејност се речиси двојно зголемени, а некои од театарските институции добија и делегиран буџет. Инвестираме во нови театри како театарот во Тетово, реконструкција на театарот во Куманово, изградба на Турски театар, Струмички театар…. .

Паралелно се работи на подготовка на среднорочен план за инвестирање во сценска опрема, осветлување, аудиосистеми – сето она што е потребно во нашите театри за да се доближат условите до современите европски стандарди.

Но, поддршката не е само во ѕидови и плати – таа е и во содржината. Идејата не е само да ги збогатиме репертоарите туку и да ја оживееме креативната енергија кај режисерите, актерите, драматурзите. Имаме прекрасен театарски кадар, кој ако добие вистинска поддршка, може да создаде дела што ќе патуваат низ Европа и пошироко.

Верувам во театарот како морална и уметничка вертикала на секое општество. А како министер, мојата задача е таа вертикала да стои цврсто, без разлика на политичките промени.

Каква е состојбата со археолошките локалитети во земјава? Во бројки, колкава е нивната посетеност од страна на странски туристи и дали се планирани проекти за подобра туристичка презентација на културното наследство?

ЉУТКОВ: Имаме богатство со кое малку која земја може да се пофали. Нашите археолошки локалитети се сведоштво за цивилизации што поминале низ оваа земја илјадници години наназад. Стоби, Хераклеја, Баргала, Вардарски рид, Скупи, Стибера, Бонче, Плаошник, Била Зора и многу други не се само точки на историската мапа, тие се живи архиви на културната меморија, кои зборуваат за нашата улога на крстопатот на цивилизациите.

Она што го констатиравме е дека наследивме запуштени локалитети, оставени на забот на времето, за кои во програмите воопшто или многу малку се одвојувале средства за нивно основно одржување. Затоа во годинашната програма особено се внимаваше да се обезбедат средства за сите значајни локалитети. Размислуваме и за ставање на културното наследство во контекст на туризмот преку јавно приватно партнерство како еден модел кој е во согласно Законот за заштита на културното наследство.

Mоделите на јавно приватно партнерство главно се однесуваат на изградба на објекти или инфраструктура – пристапни патишта , патеки и сл кои ги задоволуваат потребите на туристичка презентација наменети за посетители (кафетерии, ресторани, сувенирници, книжарници, паркинзи) поставени на влезовите на локалитетите без да го нарушат значењето и вредностите на заштитеното културно наследство. Целта на овој модел е привлекување на што повеќе посетители со креирање разни програми во соработка со надлежните јавни институции. Модели на јавно-приватно партерство се успешно имплементирани во светот, целта е одржливост на културните добра што е е основен постулат и тенденција на сите современи општества и ова е во согласност со Европската стратегија за културното наследство на 21 век донесена во 2017 година од Советот на ЕУ.

Инаку, податоците од лани покажуваат дека интересот расте – особено кај странски туристи. Според последните бројки, 35 % од посетителите на археолошките локалитети биле од странство, што е одличен сигнал. Но, тука не застануваме. Во подготовка се проекти за мултимедијална презентација на дел од локалитетите, поставување инфоцентри и подобра сигнализација, како и дигитални алатки – виртуелни тури, апликации, QR-кодови.

Наша цел е локалитетите да не бидат само „историски места“, туку доживување – едукативно, визуелно, интерактивно.

Воедно, во соработка со странски институции и туристички агенции, веќе се подготвуваат тематски тури за археолошки туризам, кои ќе бидат понудени на странски пазари како дел од нашата нова туристичка платформа.

Нашата цел е јасна – археолошките локалитети да станат живи културни јадра, центри на знаење и искуство, достапни и привлечни за домашни и странски посетители. Ова е долгорочна визија, но решени сме да го направиме секој чекор со внимание, стручност и грижа кон наследството кое не е само наше туку е и дел од светската културна меморија.

Понеделник е крајниот рок за пријавување на проекти за развој на креативните индустрии. Колкав е бројот на досега поднесени проекти и какви се Вашите очекувања за истите?

ЉУТКОВ: На почетокот сакам да потенцирам дека развојот на креативните индустрии е еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам, а овој конкурс е еден од чекорите што ги преземаме за да обезбедиме стабилен и одржлив развој на креативните индустрии во нашата земја.

Ќе потсетам дека во периодот од 2013 до 2017 година се објавени пет годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии, при што финансиски се поддржани околу 270 проекти. На тој начин, на креативниот сектор му беше овозможена непосредна финансиска поддршка во функција на јакнење на креативната активност и промовирање на креативните производи. За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и најбрзорастечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат врз економскиот раст, социјалната инклузивност и развојот на културната разноликост.

Затоа за конкурсот што неодамна го објавивме обезбедивме финансиска поддршка за проекти што ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови. Со тоа ќе се овозможат повеќе вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам.

Морам да истакнам дека интересот беше навистина голем, а бројот на пристигнатите проекти е навистина охрабрувачки. Ова го потврдува и нашиот став дека креативниот сектор има огромен потенцијал да го зацврсти не само културниот, туку и економскиот развој на Македонија.

Сите овие мерки и активности се доказ за нашата посветеност на развојот на креативните индустрии и создавањето поволна средина за иновации и претприемачки дух. Со новиот конкурс и понатамошната поддршка, ние гледаме во иднината на овој сектор како во стратегиски приоритет за економски напредок и културна разноликост.

Велите дека Македонија ги има сите предиспозиции за да биде препознатлива на глобалната еногастрономска сцена. Од научно-стручниот собир на кој присуствувавте, произлегоа ли конкретни идеи и проекти како да се истакне потенцијалот на државата во овој дел за развој на туризмот?

ЉУТКОВ: Кога зборуваме за потенцијалот на Македонија на глобалната еногастрономска сцена, навистина можам да кажам дека имаме многу што да понудиме. Македонија е земја со неверојатно богата гастрономска и винска традиција која се одликува со уникатни вкусови, голем број автохтони сорти грозје и невообичаени комбинации на ароми што не се наоѓаат на други места во светот. Од тие причини, Македонија ги има сите предиспозиции да стане препознатлива на глобалната еногастрономска сцена.

Нашата традиционална кујна, пак, е препознатлива по вкусот на природните состојки од земјата и со многувековните стари рецепти што се пренесувале од генерација на генерација. Таа е комбинација на влијанија од Балканот, Медитеранот и Средна Европа, но во исто време задржала уникатни локални карактеристики. Од неизбежните „тавче гравче“ и „житарки“ до вкусните „сирења“ и „пити“, овие јадења не се само храна, туку и сведоштво за културното наследство на нашата земја.

На собирот што го одржавме со експерти од различни сектори произлегоа неколку клучни идеи, со акцент на тоа како земјава да стане препознатлива и конкурентна на глобалната сцена, преку интегрирање на еногастрономијата во пошироката туристичка понуда.

Дополнително, зборувавме за развој на иновации во гастрономијата, како што се гастрономските тури кои комбинираат локални производи со здрави и органски опции, што е тренд во светски рамки. Тоа претставува шанса да ја позиционираме земјава како дестинација што се грижи за здравјето на своите посетители, но и за одржливиот развој.

Македонија има многу потенцијал, и само треба да го покажеме на вистинскиот начин, да го интегрираме во пошироката понуда и да ги поврземе луѓето со оваа неверојатна културна и гастрономска традиција.
Ова е патот кој ќе води кон поголема препознатливост на Македонија на светската еногастрономска сцена и ќе помогне во развојот на нашиот туризам, нудејќи му на светот нешто што е автентично, уникатно и незаборавно.

Пред два месеци заврши јавниот повик за конкурирање за снимањата на игран филм и серија и документарен филм за Тоше Проески. Од кои се земји има пријавени продуцентски куќи?

ЉУТКОВ: Снимањето филм, серија и документарен филм за Тоше Проески е еден од најзначајните проекти што ќе го одбележи животот на нашата најголема музичка ѕвезда. Исто така, проектот е и чин на почит и љубов кон човекот кој зад себе остави длабока трага не само со својата музика туку и со своето големо срце и хуманост. Носител на проектот е Македонската радио-телевизија.

Заминувате за Јапонија. Кои се очекувањата од посетата на земјата на изгрејсонцето?

ЉУТКОВ: Пред сѐ, морам да истакнам дека светската изложба ЕКСПО е еден од најголемите глобални настани посветени на иновациите, културата и визијата за иднината.

ЕКСПО 2025 е место каде што светот се среќава, разменува идеи и се инспирира за нови решенија и погледи кон иднината. За нас, за Македонија, учеството на овој настан е навистина историски момент и важен чекор во нашето културно и дипломатско претставување пред глобалната јавност.

По назначувањето на новата Влада во јуни, се соочивме со сериозен предизвик – проектот за нашето учеството на ЕКСПО сè уште не беше почнат. Имајќи предвид дека вакви настани бараат долгорочно и детално планирање, временската рамка беше навистина ограничена. Затоа веднаш пристапивме кон дефинирање концепт на програма која ќе овозможи достојно и креативно претставување на нашата земја на овој исклучително важен меѓународен настан.

Инаку, за Македонија ова нема да биде само обично учество, туку ќе биде и вистински празник за македонската култура со која ќе се претставиме пред светот не само како држава со богата историја туку и како народ кој знае да чува, да создава и да споделува.

Затоа, особено сум горд на културната програма со која нашата земја иако мала по територија, но огромна по дух и културна длабочина ќе ги доближи боите на македонската уметност до срцето на Јапонија. Од ритамот на фолклорот, преку електронскиот импулс на современото музичко творештво, до класиката и гласовите што ја пренесуваат душата на народот, македонската култура ќе ја отвори вратата на еден свет пребогат со традиција, кој истовремено претставува наш влог кон иднината на светските цивилизациски вредности.

Нашето културно претставување ќе започне со настапот на националниот ансамбл „Танец“ кој веќе седум децении го пренесува традиционалниот македонски дух насекаде низ светот. Ќе раскажеме и една многу важна приказна која ги поврзува Македонија и Јапонија – преку изложбата посветена на Кензо Танге, визионерот кој помогна во изградбата на новото Скопје по земјотресот во 1963 година. Изложбата која соодветствува на темата на „ЕКСПО 2025“, е всушност нашето искуство каде што архитектурата била алатка за обнова на градот, заедницата и животите на луѓето, односно надеж за иднината. Оваа изложба е всушност наш начин да се заблагодариме и да покажеме како солидарноста и културата оставаат траен печат.

Нашиот Ден на независноста ќе биде одбележан со музика што зборува на светски јазик, но носи македонско срце – Ана и Игор Дурловски ќе настапат со современи обработки на традиционални песни, создавајќи мост меѓу класичното и народното. Кирил Џајковски, пионерот на електронската музика кај нас, ќе покаже како звуците на народното можат да звучат апсолутно модерно, а настапот, пак, на џез-гитаристот и композитор Владимир Четкар, кој веќе има издадено и свој албум за јапонскиот пазар, ќе покаже како неговата музика гради мостови меѓу континентите.

Со оваа програма сакаме да испратиме порака дека Македонија има што да каже и што да понуди и дека знаеме како да ја пренесеме својата култура со достоинство, со емоција и со длабока верба дека таа е она што сите нѐ поврзува.

„ЕКСПО Осака 2025“ е нашата можност да кажеме: „Да, ние сме мала земја, но имаме голема приказна“. И ќе ја кажеме – гласно, гордо и со стил што ќе остане запаметен.

Слични