Љутков: ЕКСПО 2025 е место каде светот се среќава, ќе ги доближиме боите на македонската уметност до срцето на Јапонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков е во Јапонија каде Македонија ќе се претстави на саемот „Експо 2025“ во Осака.

Во интервју за Курир, пред заминувањето во Јапонија, Љутков говореше и за очекувањата од посетата на земјата на изгрејсонцето истакнувајќи дека светската изложба ЕКСПО е еден од најголемите глобални настани посветени на иновациите, културата и визијата за иднината.

-ЕКСПО 2025 е место каде што светот се среќава, разменува идеи и се инспирира за нови решенија и погледи кон иднината. За нас, за Македонија, учеството на овој настан е навистина историски момент и важен чекор во нашето културно и дипломатско претставување пред глобалната јавност, вели Љутков за Курир.

Министерот појаснува дека по назначувањето на новата Влада во јуни, се соочиле со сериозен предизвик – проектот за нашето учеството на ЕКСПО сè уште не бил почнат.

-Имајќи предвид дека вакви настани бараат долгорочно и детално планирање, временската рамка беше навистина ограничена. Затоа веднаш пристапивме кон дефинирање концепт на програма која ќе овозможи достојно и креативно претставување на нашата земја на овој исклучително важен меѓународен настан. Инаку, за Македонија ова нема да биде само обично учество, туку ќе биде и вистински празник за македонската култура со која ќе се претставиме пред светот не само како држава со богата историја туку и како народ кој знае да чува, да создава и да споделува.

Затоа, особено сум горд на културната програма со која нашата земја иако мала по територија, но огромна по дух и културна длабочина ќе ги доближи боите на македонската уметност до срцето на Јапонија. Од ритамот на фолклорот, преку електронскиот импулс на современото музичко творештво, до класиката и гласовите што ја пренесуваат душата на народот, македонската култура ќе ја отвори вратата на еден свет пребогат со традиција, кој истовремено претставува наш влог кон иднината на светските цивилизациски вредности.

Нашето културно претставување ќе започне со настапот на националниот ансамбл „Танец“ кој веќе седум децении го пренесува традиционалниот македонски дух насекаде низ светот. Ќе раскажеме и една многу важна приказна која ги поврзува Македонија и Јапонија – преку изложбата посветена на Кензо Танге, визионерот кој помогна во изградбата на новото Скопје по земјотресот во 1963 година. Изложбата која соодветствува на темата на „ЕКСПО 2025“, е всушност нашето искуство каде што архитектурата била алатка за обнова на градот, заедницата и животите на луѓето, односно надеж за иднината. Оваа изложба е всушност наш начин да се заблагодариме и да покажеме како солидарноста и културата оставаат траен печат.

Нашиот Ден на независноста ќе биде одбележан со музика што зборува на светски јазик, но носи македонско срце – Ана и Игор Дурловски ќе настапат со современи обработки на традиционални песни, создавајќи мост меѓу класичното и народното. Кирил Џајковски, пионерот на електронската музика кај нас, ќе покаже како звуците на народното можат да звучат апсолутно модерно, а настапот, пак, на џез-гитаристот и композитор Владимир Четкар, кој веќе има издадено и свој албум за јапонскиот пазар, ќе покаже како неговата музика гради мостови меѓу континентите.

Со оваа програма сакаме да испратиме порака дека Македонија има што да каже и што да понуди и дека знаеме како да ја пренесеме својата култура со достоинство, со емоција и со длабока верба дека таа е она што сите нѐ поврзува.

„ЕКСПО Осака 2025“ е нашата можност да кажеме: „Да, ние сме мала земја, но имаме голема приказна“. И ќе ја кажеме – гласно, гордо и со стил што ќе остане запаметен, вели Љутков за Курир.

Целото интервју може да го погледнете ТУКА.

Слични