Фон дер Лајен: Крајната левица и десница го поддржуваат Путин, а не мирот во Украина

Европските граѓани во огромно мнозинство го поддржуваат мирот во Украина, но екстремната левица и десница не се залагаат за мир, туку за рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа рече дека екстремните левичари и десничари „го бојкотираат европското будење“, велејќи дека Русија не е закана за Европа, туку дека само силна ЕУ може да го заштити мирот.

-Заканата што ја претставува Русија нема да исчезне. И знаеме дека американското внимание сè повеќе ќе се префрла кон други региони. Значи, нема сомнение дека мирот во Европа бара од нас да преземеме многу поголема одговорност за нашата одбрана, рече таа на конгресот на ЕПП во Валенсија.

Фон дер Лајен уште еднаш ја повика Унијата да се фокусира на планот за вооружување вреден 800 милијарди евра, додавајќи дека на Путин не може да му се верува, но дека Европа мора да го „обесхрабри“, пренесува Анса.

-За праведен и траен мир, мора да продолжиме да бидеме со Украина. Со зголемен притисок врз Русија. И да, со јасен пат за пристапување на Украина во нашата Унија. Нашата порака до Украина е јасна. Вашата слобода е наша слобода. Вашата безбедност е наша безбедност. А вашата иднина е во нашата Унија, заклучи Фон дер Лајен. (МИА)

Слични