Јанта Волеј ја доби и втората пресметка со Работнички
Јанта Волеј Кисела Вода е на добар пат да стане нов одбојкарски шампион на Македонија откако ја доби и втората финална битка со Работнички Скопје.
Одбојкарките на Никола Јаневиќ направија брејк и славеа во салата „Борис Трајковски“, а тоа значи дека им е потребна само уште една победа во оваа серија за да бидат крунисани во шампионки за оваа натпреварувачка кампања.
Јанта Волеј дојде до новиот триумф со пресврт, односно врз одбојкарките на оваа екипа не влијаеше тоа што првиот сет беше изгубен на драматичен начин со 27:25. Во продолжението клубот од Кисела Вода доминираше и со 13:25, 17:25, 18:25 го затвори натпреварот со 3-1 во сетови.
Бошковска со 23 поени беше вистински лидер, најголема поддршка доби од Георгиевска со 11 поени. На другата страна најефикасни беа Стакхаус со 11 и Василевска со 9 поени.
Третата средба меѓу овие две екипи е закажана за в петок од 19:30 часот во салата „Независна Македонија“.