НБ: Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,38 п.п., при што во март таа изнесува 2,18%. Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,35 п.п. и изнесува 5,15%.
Во март 2025 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити забележа месечно и годишно намалување од 0,03 п.п. и 0,35 п.п., соодветно и изнесува 5,15%.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,18% и оствари месечен пад од 0,01 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 0,38 п.п.
– Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во март, изнесува 4,26% и оствари месечен и годишен пад од 0,37 п.п. и 0,72 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е пониска на месечно и на годишно ниво за 0,17 п.п. и 0,22 п.п., соодветно и изнесува 2,24%.
1. Каматни стапки на корпоративниот сектор
– Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,77% и е пониска за 0,05 п.п. на месечно ниво. Притоа, месечната промена произлегува од падот на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,14 п.п. и 0,04 п.п., соодветно) и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.) Во споредба со март претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,58 п.п.
‒ Во март, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,95% и на месечна основа се намали за 0,50 п.п. Падот е резултат на пониските каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,58 п.п.), во услови на остварен раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,22 п.п. и 0,18 п.п., соодветно). На годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,78 п.п.
Овој месец, кај просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е забележан месечен пад од 0,06 п.п. и изнесува 2,65%. Анализирано по валута, надолната промена е одраз на намалените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,21 п.п.) и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула(за 0,03 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула остварија раст од 0,25 п.п. Споредено на годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи раст од 0,53п.п.
‒ Во март, каматната стапка на новопримените депозити4 на корпоративниот сектор изнесува 2,14% и е намалена за 0,35 п.п. на месечна основа. Месечниот пад е резултат на намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,83 п.п.) и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,22 п.п). Овој месец, банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. На годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,38 п.п.
2. Каматни стапки на домаќинствата
-Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, овој месец, изнесува 5,51% и оствари месечно намалување од 0,02 п.п. Падот на месечна основа се должи на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), при непроменети каматни стапки на кредитите во странска валута. На годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,14 п.п.
Во март, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи пад од 0,12 п.п. и изнесува 4,69%. Промената е резултат на падот на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,35 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,13 п.п. и 0,05 п.п., соодветно). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,71 п.п.
–Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е непроменета во однос на претходниот месец и изнесува 2,12%. На годишна основа, оваа каматна стапка бележи раст од 0,36п.п.
–Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата6, во март, изнесува 2,28% и бележи месечно намалување од 0,10 п.п. Надолната промена се должи на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,12 п.п.) и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,09 п.п.).
Овој месец банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Споредено на годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е пониска за 0,14 п.п.