Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (9-ти ДЕЛ.)
Вредности во заедницата
Човекот секојпат живее во заедница (семејство, општина, држава, општество). Секојпат човекот треба да воспоставува добри заедници во кои ќе има добри услови за живеење, работење, напредување, почитување, соработка. Врдностите на таквите заедници се:
Зедничко живеење – градење на добра заедница во која луѓето се блиски и имаат заеднички и слични цели, живот во кој се споделуваат условите, вредностите, работата и остварувањето;
Доверба – верба во некого или нешто, меѓусебно верување, увереност дека меѓу луѓето постои согласност и чесност;
Поддршка – поткрепа, давање материјална и морална помош, поддржување на луѓето и нивните идеи;
Пријателство – блискост, почитување помеѓу луѓето, поврзаност со искрени емоции и наклонетост;
Солидарност – заедничко мислење и обезбедување на интересите, длабока поврзаност и взаемно обврзување и дејствување за да се реализираат исти цели.
Сите напред наведени три вида на вредности и норми, треба да се поткрепени со добри општо човечки идеи и постапки на луѓето во локалната заедница како што се разбирање, добра воља, толеранција, етичко однесување, ненасилство, помош и мир.
Демократијата подразбира среден заеднички живот на луѓето во заедницата
Новите погледи за поврзаноста на економијата и политиката со етиката доаѓаат од земјите со развиено и специфично политичко уредување – демократијата. Најшироко гледано демократијата е поим на граѓанскиот живот на човекот и неговата етика.
Демократијата подразбира еднаквост на луѓето, нивна слобода на живеење, дејствување и решавање на сите прашања, па и на општествените. Демократијата подразбира среден заеднички живот на луѓето во заедницата. Целта и задачите на демократијата во зедницата е унапредување на животот. Унапредувањето се постигнува само преку прогрес, кој подразбира постигнување успех на сите полиња од животот, а тоа се: економски напредок, добро работење, отварање нови работни места, добро образование, добро и сигурно живеење и слично.
Демократијата е водење на заедницата како добар дом, во кој нештата се во ред, владее слога, сите си ги извршуваат своите должности, сите придонесуваат и заеднички ја планираат и градат иднината. За остварување на овие идеали и вредности неопходно е постоење на меѓусебна доверба помеѓу личностите во заедницата.
Довербата е искрена верба во нешто и некого, и меѓусебно верување во моралот. Довербата претпоставува очекување во заедницата за правилно, чесно и кооперативно однесување на нејзините членови, засновано врз нормите што тие ги споделуваат. Взаемната доверба постои тогаш кога во една заедница системот на моралните вредности, се споделува така што се создава очекување за правилно и чесно однесување. За такво постигнување неопходни е парадигма на целосна личност во вистинска смисла на зборот. Личности кои подеднакво ги развиваат и унапредуваат нивните четири димензии: ум, тело, срце и дух. Серијалот го започнав со мисли на народниот гениј дека работите и состојбите во Македонија дојдоа “нож до коска“, дека на сите ни догори до под нокти и ни “пукна филмот“. Ќе го завршам со констатацијата, т.е. реалноста дека силните личности не се создаваат во идеални услови, туку како одговор на непријатностите кои им се случуваат, преку грчевити напори и челична волја, решени да се фатат во костец со предизвици и неволји од секаков вид, на тој начин совладувајќи ги секојдневните проблеми и тешкотии. Ете кон таков идеал треба да тежнеиме сите ние во македонскиот локус(селото, општините и градот) и секој еден без разлика дали работи во државна институција(влада, министерства, државни и јавни претпријатија, обвинителство, суд), во бизнис секторот или во граѓанскиот(невладин) сектор.
Почитувани мои читатели, се обидов преку спојување на филозифија, современа психологија и духовни идеи, и со помош на принципите и нормита на моралот и етиката, да понудам корисни алатки, со чија секојдневна употреба ние луѓето треба и мора да станеме подобри личности(доблесни и корисни членови на општествената заедница), со цел да изградиме поправедна и похумана општествена заедница.
Крај
Сотир Костов