Втор светски рекорд на Волш на 100 метри

Американската пливачка Гречен Волш постави нов светски рекорд на 100 метри пеперутка по вторпат во ист ден на натпреварот во Форт Лодердејл, а на истиот митинг нејзината сонародничка Кејти Ледецки го собори сопствениот светски рекорд на 800 метри слободен стил.

Откако исплива 55,09 секунди во квалификациите, подобрувајќи го својот претходен светски рекорд за девет стотинки, кој го постави во јуни минатата година на квалификациите на САД за Олимписките игри во Париз, 22-годишната пливачка во финалето успеа првпат да се спушти под 55 секунди, постигнувајќи време од 54,60.

Волш освои сребро во трката на 100 метри пеперутка на Олимписките игри во Париз и им помогна на американските штафетни тимови, женската 4×100 мешано и мешаната 4×100 мешано да освојат златни медали.

Во саботата, одличната американска пливачка, 28-годишната Кејти Ледецки, постави светски рекорд на 800 метри слободен стил во Форт Лодердејл.

Деветкратната олимписка шампионка Ледеки ја заврши дадената делница за 8:04,12 минути, што е за 67 стотинки побрзо од претходниот најдобар резултат на оваа делница, што го постигна на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.

Ледецки е владетелка на долгите патеки во базените повеќе од една деценија, освојувајќи четири од своите девет олимписки златни медали на 800 метри слободно, и уште два на 1500 метри слободно, дисциплина во која таа го држи и светскиот рекорд.

На светските првенства, Ледецки има освоено вкупно 21 златен медал, од кои шест на 800 метри и пет на 1500 метри слободен стил.

Слични