Македонски хеви метал состав „CONSPIRACY“ со нов сингл
Младиот Македонски хеви метал состав Conspiracy којшто потекнува од улиците на урбано Скопје премиерно го објави првиот сингл со наслов „ПРОГОНУВА“ од снимениот нов материјал како увертира на нивниот втор студиски албум којшто се очекува да излезе во блиска иднина.
„ПРОГОНУВА“ претставува логично продолжување на патот којшто го трасираше Conspiracy по објавувањето на песната „ГНЕВ“ која претставуваше прво музичко остварување на Conspiracy на Македонски јазик. Новиот сингл на Conspiracy „ПРОГОНУВА“ го карактеризираат сурова енергија, длабочина, искреност, емоција, како и врвна изведба проследена со одлична продукција што има потенцијал да стане една од химните на овој бенд.
„ПРОГОНУВА“ е авторско дело на членовите на бендот Стефан Трајкоски (вокал и гитара), Александар Стефановски (тапани), Адриан Петров (гитара) и Раде Биковски (бас). Снимањето го реализираа Александар Стефановски и Раде Биковски, додека миксот, мастерингот и продукцијата на оваа композиција се дело на тапанарот на бендот Александар Стефановски.
Оваа композиција е проследена со видео запис снимен од Стефан Рајхл, додека за монтажата се погрижија Стефан Рајхл и Александар Пауновски. Во видео записот покрај членовите на бендот се јавува и актерот Кристијан Петковски.
Conspiracy во изминатиот период настапуваа на повеќе престижни музички фестивали низ Македонија, а посебно треба да се истакне нивната турнеја којашто се случи минатата година во соседна Србија каде што бендот забележи повеќе значајни настапи.
Погледнете го видеото и уживајте во песната „ПРОГОНУВА“!