Цветановски: Ракометари на АЕК со солзи го напуштија теренот, навивачите ѝ дадоа ултиматум на управата

Претставникот Алкалоид, Зоран Цветановски, вели дека имале сигнали уште од утрово дека АЕК подготвува вакво сценарио. Реванш-средбата од финалето на ЕХФ Купот меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е одложен, затоа што гостите од Грција одбија да излезат на терен.

Причината поради која ракометарите на АЕК останаа во соблекувалните е незадоволството на своите фанови, а токму на оваа тема зборуваше Цветановски и даде точно објаснување и ја расчисти целата ситуација.

„Уште утрово имавме сигнали за ваков епилог, поточно на техничкиот состанок. Без разлика на сè ние очекуваме дека нема да има никаков проблем и дека натпреварот ќе се одигра. Главниот проблем настана околу влезниците за гостинската екипа. Правилото важи дека гостите добиваат десет проценти од капацитетот на салата, што во превод значи околу 650 билети. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука дека тоа не е возможно и бројот на влезници за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука се кршеа копјата. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не. Тие што беа во Скопје беа незадоволни што не добија билети колку што посакуваа и му дадоа ултиматум на управата на АЕК дека ако истрчаат на терен без навивачи ќе трпат внатрешни последици по враќањето во Атина. Само заради тоа управата на АЕК не им дозволи на ракометарите да истрчаат на терен. Инаку, желбата кај ракометарите на АЕК да играат беше голема, видов и солзи во очите кај некои, меѓутоа не можеа против одлуката на управата“, рече Цветановски.

Инаку, во првиот натпревар одигран во Атина, Алкалоид извојува голема победа од четири гола разлика.

Слични