Се огласи ЕХФ по хаосот со навивачите на АЕК

Натпреварот што требаше да биде кулминација на европската ракометна сезона за македонскиот клуб Алкалоид не се одигра. Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално соопшти дека реванш-финалето од Европскиот куп против АЕК Атина е откажано поради безбедносни причини.

„Финалето на Европскиот куп на ЕХФ, помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, е откажано поради безбедносни причини. Дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени навремено“, стои во соопштението на федерацијата.

Иако нема официјална потврда од клубот, според достапните информации, грчкиот тим се повлекол од натпреварот под притисок од своите навивачи. Над 200 фанови на АЕК пристигнале во Македонија без влезници и не биле пуштени да влезат на трибините. Во знак на револт, тие му поставиле ултиматум на сопственикот и на управата на клубот – да не настапат на натпреварот, заканувајќи се со последици доколку не го послушаат.

ЕХФ допрва ќе одлучува за идните чекори, вклучувајќи и можната распределба на трофејот, кој засега останува без сопственик, и покрај тоа што Алкалоид имаше предност од четири гола (29-25) од првиот меч во Атина.

Слични