Белгиската принцеза Елизабет погодена од мерките на Трамп

Белгиската принцеза Елизабет би можела да биде принудена да ги прекине постдипломските студии на Харвард, поради забраната за школување на странски државјани на овој престижен американски Универзитет, што ја воведе Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Принцезата Елизабет, најстарото од четирите деца на белгискиот крал Филип и кралицата Матилда, а со тоа и наследничка на тронот на Белгија, е втора година на постдипломски студии по јавна политика на Харвард.

Како што јавија белгиските медиуми, ваквата можноста за прекин на двегодишните студии на 23-годишната принцеза се појави откако во четвртокот администрацијата на Трамп ја укина можноста за запишување на странски студенти на Харвард, обвинувајќи го Универзитетот за промовирање насилство и антисемитизам и за непочитување на барањето за доставување на податоците за нивните студенти од странство.

Ваквата одлука на Американската администрација влијае на повеќе од 7.000 актуелни студенти на Харвард, што претставува околу една четвртина од вкупниот број негови студенти. Согласно одлуката, странските студенти ќе мора да го напуштат Универзитетот доколку сакаат да ги задржат своите визи за престој.

Универзитетот поднесе жалба со барање за поништување на ваквата одлука, нагласувајќи дека тоа би имало „разорувачки ефект за Харвард и за повеќе од 7.000 иматели на визи“.

Принцезата Елизабет минатата година дипломираше на британскиот универзитет Оксфорд, по што се запиша на постдипломски студии на Харвард.

Кралската палата во Брисел одби да ја коментира одлуката на Американската администрација, посочувајќи дека во оваа фаза е нејасно дали таа ќе има влијание врз понатамошното школување на принцезата на Харвард.

– Сега проверуваме. Се ќе стане појасно во наредните денови или недели, наведе Кралската палата во соопштението.

Со промената на Уставот на Белгија во 1991 година со која беше изедначено право на наследство на тронот на машките и женските потомци на монархот, принцезата Елизабет, како најстаро дете на кралот Филип, е актуелна престолонаследничка и потенцијална идна белгиска кралица.

Слични