ЕК: Сакаме сите засегнати од конфликтот во Украина да седнат и да преговараат за мир

Европската Унија е заинтересирана сите засегнати страни од конфликтот во Украина да седнат и да преговараат за мир, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.

Изјавата на Пињо беше одговор на новинарско прашање за коментар на тврдењето на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела ја информирала оти ЕУ работи на директни разговори со Москва.

– Она што можеме да го потврдиме е дека сме заинтересирани да ги собереме сите партнери и сите засегнати страни на маса за да разговараат за прекин на огнот и за постигнување мир. Тоа е она што не интересира, додаде Пињо.

Во однос на најавениот нов пакет санкции за засилување на притисокот врз Москва, портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека во текот на викендов можевме да видиме нови руски масовни напади со балистички ракети и со над 250 дронови врз цивилни цели и врз невини жртви, со што Русија покажува дека не е заинтересирана за никакви мировни преговори.

– Ова уште еднаш ја покажува потребата од зајакнување на нашиот притисок и за зголемување на воената одбранбена поддршка за Украина, рече Хипер, додавајќи дека и претседателката Фон дер Лајен и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас веќе најавија нов пакет санкции кон Русија и во моментов се работи на тоа.

Хипер додаде дека ЕУ е подготвена и сака да изврши поголем притисок врз Русија за таа навистина да се согласи на мир и се надева дека и нејзините партнери ќе го следат тој пример.

На прашање по 17-те пакети санкции, кои нови мерки може да ги преземе ЕУ за да ја натера Москва да ја промени својата позиција, Хипер изјави дека Унијата воведе санкции против повеќе институции и поединци во Русија, со цел да се намали нејзината способноста да води војна.

– Дека тоа нешто е многу успешно, може да се види од повиците на Русија и укинувањето на санкциите да се најде на агендата на преговорите. Затоа работиме на уште еден пакет, бидејќи Русија разбира само еден збор, а тоа е зборот сила, додаде Хипер.

Слични