Макрон во посета на Виетнам
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Виетнам, од каде што ја почна турнејата по Југоисточна Азија, ја повтори својата посветеност на светскиот поредок „заснован на правото“.
Макрон зборуваше за „големи нерамнотежи и враќање на реториката заснована на моќ или заплашување“ за време на состанокот со неговиот виетнамски колега Луонг Куонг.
Францускиот претседател додаде дека мора заеднички да се дејствува за да се зачува поредокот заснован на закон, како неопходен услов за просперитет.
Макрон ја претстави Франција како сигурна алтернатива за Виетнам, земја заглавена меѓу Вашингтон, кој се заканува дека ќе воведе превисока дополнителна царина на неговиот извоз на американскиот пазар, и Пекинг, долгогодишен сојузник со кој Ханој има територијални спорови во Јужното Кинеско Море.
Франција и Виетнам денеска потпишаа 13 договори, меѓу кои и за нуклеарна енергија, клучен сектор за оваа азиска земја зависна од фосилни горива која сака да ги задоволи растечките потреби на своето население, како и за транспорт и сателити.
Елисејската палата соопшти дека посетата на Макрон „ќе ја зајакне соработката во стратешки сектори како што се енергетиката, транспортот и одбраната“.
Неколку француски бизнисмени го придружуваат Макрон на целата или на дел од оваа турнеја.
Макрон утре патува за Индонезија, а турнејата ќе ја заврши в петок, во Сингапур, каде што ќе одржи воведен говор на дијалогот Шангри-Ла, голем форум за безбедност и одбрана во Азија.