ГАКУД Браќа Ѓиноски со славенички концерт одбележа 75 години постоење
Градското аматерско културно уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар синоќа со целовечерен концерт одбележа 75 години од формирањето. Покрај членовите на друштвото во спортската сала „Младост“ настапија гости од фолклорни друштва и естрадни ѕвезди.
Претседателот на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“, Предраг Ристески во обраќањето се осврна на повеќедецениското делување и зачувување на македонскиот фолклор.
– Македонскиот ритам не е само музика. Тој е отчукувањето на генерации кои чекореле пред нас со надеж, со борба, со љубов кон земјата. Фолклорот не е минато. Фолклорот е жив додека ние играме, пееме, учиме и го пренесуваме понатаму. Ние сме мост меѓу традицијата и иднината, рече Ристески.
Публиката низ двоиполчасовната програма имаше можност да се да се потсетат на историјатот на друштвото и оддавање почит на најистакнатите членови.
На роднините на Анте Тодороски, долгогодишен секретар им беше врачена благодарница за животно дело.
ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ е формирано во 1950 година на иницијатива на група млади гостиварци. Нивната идеја била да се продолжи традицијата за негување на народната песна и фолклор, како продолжение на друштвото „Шивачки“, во период пред Втората светска војна. Името е дадено во чест на браќата Анте и Крсте Ѓиноски првоборци од Гостивар.