Ивановски ексклузивно за КУРИР открива кога ќе започне градбата на брзата пруга во Македонија
Македонија конечно ќе добие брза пруга, оценета како квантен скок во македонските сообраќајни инфраструктурни дејанија.
Првиот човек на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, ексклузивно за НАТКАСТ на КУРИР открива дека очекуван старт за брзата пруга би бил некаде оваа есен или зима, а очекувано завршување на градежни работи е 5 години од моментот на започнување.
Сепак оценува дека многу поважно од фактот кога градбата ќе почне е истата да биде завршена во предвидениот рок.
-Се работи за инфраструктурен проект кој ќе биде најголем во нашата историја. Со такви проекти нетрпението да се почне е големо, големи се очекувањата, па и најавите дека оваа есен ќе почнат некои првични активности. Но од друга страна и некое мое лично објаснување е дека не мора толку и да брзаме. Дали првата градежна машина ќе „удри“ на терен во ноември, декември или јануари-февруари и не е многу важно, рече тој.
Ивановски истакнува дека поважно е да се почне дали есенва или зимава и уште поважно е да се заврши на време.
-Секое доцнење во инфраструктурното градење е скапо доцнење. Кичево-Охрид се работи 12-та година, од помалку од 400 милиони евра стигна до 600 милиони евра, од доцнење. Доцнењето на државата не ѝ одговара, ама им одговара на компаниите кои што градат. Затоа многу поважно е да се заврши градбата во оние предвидени 5 години, па и да оставиме простор да бидат 5 ипол отколку да се почне и тој проект да се одолговлекува што е можно подолго, рече тој во НАТКАСТ.
Директорот очекува да се соочат со три предизвици.
-Најголем предизвик е да завршиме на време. Од техничкиот аспект има предизвици поради тоа што кај нас во државата покрај секој инфраструктурен проект за транспорт, веќе нема земјиште на Република Македонија. Скоро секаде е од приватни сопственици. Главни предизвици се имотно-правните односи, колку што можеме да ги избегнеме, да ги сведеме на минимум. Покачување на брзината е предизвик кој што е техничко-технолошки доста решлив, тука не гледаме некој сериозен иден проблем туку го гледаме со нетрпение, истакна Ивановски.