Мицкоски: Македонија се гради со план, со јасна визија и многу работа

„Испраќаме силна и јасна порака- Македонија се гради“. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираниот патен правец Охрид-Свети Наум.

-Го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум, пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите и сега конечно го добиваме. Со инвестиција од 11,7 милиони евра реконструирани се 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување на нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше, посочи Мицкоски.

Премиерот истакна дека направени се и заштитни интервенции на ризичните косини, со една цел – безбедност, сигурност и долготрајност.

-Ова денес не е само пуштање на пат, ова е уште една потврда за определбата на Владата да се гради без многу врева, без партиски и бизнис спектакли, со план, со јасна визија и многу работа. Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево-Охрид силно се забрзува, делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани-Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме, посочи премиерот.

Слични