Ирак во лов на шпиони: ШЕСТМИНА погубени, 700 уапсени

Во текот на 12-дневниот вооружен конфликт со Израел, три лица обвинети за шпионажа биле погубени, а уште три ден по прогласувањето прекин на огнот. Државната телевизија емитуваше наводни признанија од уапсени, кои, според властите, признале соработка со израелскиот Мосад.

Иранските безбедносни сили досега уапсиле повеќе од 700 лица од 13 јуни наваму, под сомневање за шпионажа, според новинската агенција Фарс, блиска до Револуционерната гарда. Министерството за разузнавање тврди дека води „неуморна борба“ против западните разузнавачки служби – ЦИА, Мосад и британскиот МИ6.

Исто така, започната е кампања со испраќање предупредувачки пораки до граѓани чии телефонски броеви биле поврзани со израелски профили на социјалните мрежи. Од нив се бара итно да ги напуштат тие страници или ќе се соочат со кривична одговорност.

Се врши и силен притисок врз новинарите што работат за медиуми во странство – Би-Би-Си Персијан, Иран Интернешнл и Маното ТВ. Револуционерната гарда, според тврдењата, уапсила родители и брат на водителка на Иран Интернешнл, за да ја натера да даде отказ. Исто така, властите стапиле во контакт со семејствата на новинари од Би-Би-Си, предупредувајќи ги дека тие се „непријатели на Бога“ – обвинение кое во Иран носи смртна казна.

Во текот на конфликтот со Израел, властите сериозно го ограничиле пристапот до интернет, а и покрај прогласеното примирје, нормална конекција сè уште не е воспоставена. Пристапот до социјалните мрежи како Инстаграм, Телеграм, Јутјуб и Икс (поранешен Твитер) е блокиран со години и достапен само преку ВПН.

Аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата потсетува на 1980-тите, кога во текот на иранско-ирачката војна властите спроведоа масовни репресии врз политичката опозиција. Особено се споменуваат масовните егзекуции од 1988 година, кога илјадници политички затвореници беа погубени по тајни судења. Поголем дел од нив беа погребани во необележани масовни гробници.

.

Слични