Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев денеска заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски и амбасадорот на Италија во нашата земја Паоло Палминтери, присуствувал на свеченост за доделување на дипломи во Центарот за обука на полицијата во Идризово за обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили на нашата земја.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, обуката била реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
-Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото. Ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество, истакнал директорот на БЈБ Јанев.
Во соопштението се додава дека учесниците на курсот имале можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.