Реалност или лага: Црн пантер со денови сее страв во североисточна Бугарија
Црн пантер со денови сее страв преку медиумите во североисточна Бугарија, откако наводно бил забележан во околината на градот Шумен. Според најновите информации вчера ѕверот бил забележан во околината на градот Разград, во истиот регион.
Целиот североисточен бугарски регион Шумен наводно е во состојба на висока тревога, додека властите го бараат животното, кое наводно е во бегство веќе цела седмица.
На приказната се приклучи и европскиот портал Еуроњуз, кој објави дека жителите на блискиот град Шумен биле предупредени за ситуација потенцијално опасна по живот, а властите го ограничиле пристапот до националниот парк Шумен, каде што биле пронајдени нови траги од животното во понеделникот.
Експертите во Бугарија веруваат дека најверојатното објаснување за појавата на црниот пантер би било дека животното избегало од нелегална приватна зоолошка градина. Властите во Бугарија се трудат да го елиминираат поседувањето егзотични животни.
Сепак, бугарските медиуми пишуваат дека појавата на црниот пантер го привлекла вниманието на оние кои сакаат да го видат одблизу, што предизвикало дополнителна загриженост кај властите. Тие постојано предупредуваат дека животното е исклучително опасно и дека не треба да се потценува, бидејќи претставува сериозна закана. Луѓето се предупредени да се држат подалеку од областа, а доколку го видат животното, да избегнуваат ненадејни движења и полека да се повлекуваат.
– Сакам да апелирам до сите жители и посетители на Шумен да престанат да се обидуваат да влезат во подрачјето на природниот парк. Ситуацијата е исклучително динамична. Овие мерки се преземаат за да се заштитат животите и здравјето на луѓето, што е наш главен приоритет – рече Георги Гендов, главен комесар и директор на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Шумен.
Во националниот парк се поставени фото замки, а животното се бара со дронови и со термални камери.
– Врз основа на теренската работа што ја спроведуваме и експертите што ги ангажиравме од ловниот сектор во земјата, нашето министерство е во контакт и со експерти од Јужна Африка. Им испраќаме фотографии од трагите, нашите методи на работа, разменуваме искуства и стекнуваме знаење од нив. Тие рекоа дека ако во рок од 3 дена не се појават никакви знаци, покрај бројот на фото-стапици и местата за хранење што ги поставивме, тоа веројатно ќе значи дека животното повеќе не е на територијата на природниот парк – рече Георги Крастев, директор на Националниот парк Централен Балкан.
Бугарските медиуми објавија дека има нов сигнал за појава на пантерот. Маж кој патувал со приватен автомобил во правец на Русе го забележал животното на главниот пат, во близина на селото Бели Лом. Тој испратил сигнал на бројот 112.
Пред 3 години и во Србија имаше слична драма, кога населението во Војводина се исплаши од информациите дека во регионот е забележан црн пантер. Имаше информации дека е виден во различни места, видеоснимки како трча низ рамнината, како и информација дела ловџии го убиле, но ниедна не беше официјално потврдена.