„Скопски урбани приказни“
Друштвото на ликовни уметници од Македонија – ДЛУМ во рамки на Скопско културно лето традиционално ја организира изложбата: „Скопски урбани приказни“ со средства обезбедени од Министерството за култура и туризам на РС Македонија. Оваа година изложбата се реализира и со поддршка на: ЈУ Универзална сала Скопје, Македонска опера и балет, Музеј на град Скопје, Македонски Телеком, Музеј на македонската ослободителна борба.
Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска на чиј концепт одговорија 15 уметници –
универзитетски професори, декан и продекан на факултет, исклучителни сликари, скулптори и графичари од средната и помладата генерација.
Изложбата со современиот концепт овозможува прикажување на уметнички дела во отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката. Движењето низ центарот на Скопје и следење на концептот е овозможено со мапата на која се означени локациите на ликовните дела.
Соработката на ДЛУМ со врвен куратор, уметници, дизајнер и културни/корпоративни организации покажува сериозен капацитет за организирање на комплексни проекти во иднина.
Концепт на изложбата „Скопски урбани приказни“ 2025 г.
СКОПЈЕ: СЕНЗОРЕН ГРАД
Мултисензорна изложба на ДЛУМ | Скопски урбани приказни 2025
д-р Ана Франговска, куратор
Во време на дигитална пренаситеност и визуелна доминација, кога градот го согледуваме како податок, слика или дрон снимка – „Скопје: Сензорен град“ ни нуди алтернативна перспектива: градот како живо тело, кое се доживува преку сите сетила.
Ова не е само изложба, туку искуство – експериментално-социјален проект што ги следи телото, емоцијата и сензацијата како алатки за критичка перцепција на урбаното. Изложбата ја отвора идејата дека перцепцијата е политичка, дека сетилата можат да станат отпор, дека телото е документ на градот.
Во пет (плус едно) сензорни зони – слух, вид, допир, мирис, движење и имагинација – уметниците создаваат интерактивни, сензуални и поетски простори кои го преиспитуваат начинот на кој го чувствуваме и го паметиме Скопје. Од звучни пејзажи до допирливи скулптури, од мирисни архиви до хибридни видеа, секој дел од оваа поставка е покана за интимна, телесна, а понекогаш и политичка реакција.
Уметниците креираат сензорни простори кои активираат:
👂 слухот (звучни мапи, аудио архиви)
👁️ видот (фрагментирани прикази, заборавени визии)
👁️допирот (тактички скулптури и материјали)
👃 мирисот (архива на лична и урбана меморија)
👁️ движењето (акции)
💭 и имагинацијата како начин за урбан отпор.
Учествуваат:
Игор Сековски, Борис Шемов, Гордана Вренцоска, Гоце Наневски, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Ана В’чкова, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Тања Ристевска, Борче Богоевски, Марија Сотировска, како и гостите Лучезар Бојаџиев (Бугарија) и Светлана Волиц (Србија).
Ова не е изложба што ја гледаш. Ова е изложба што ја чувствуваш.
Погледнете ја на 1 јули 2025, а во прилог ви испраќаме мапа на настаните во централното градско јадро.