Јавен Повик за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување на дозволи од областа на летачките операции

Директорот на Агенција за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, даде изјава во врска со Јавниот Повик за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување на дозволи од областа на летачки операции.

Изјавата на Драги Стојаноски, директор на АЦВ ви ја пренесуваме во целост:

Во повеќе наврати на средбите со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, сме ја констатирале како критична состојбата која укажува на сериозен недостаток на воздухопловен персонал во Република Македонија.

Разбирајќи ја како наша “обврска” потребата за преземање на конкретни активности за надминување на оваа состојба одлучивме да го искористиме правниот основ кој ни го дава Законот за воздухопловство и дел од средствата од кои се финансира Агенцијата, да ги намениме за “унапредување на цивилното воздухопловството”.

Во таа насока предвидените средства за таа намена во буџетот на АЦВ за 2025-та ќе се користат за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување на дозволи од областа на летечки операции.

Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе учествува со финансиски средства во висина до 50% од цената на чинење за:

– Обука на 7 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на авион PPL(A),
– Обука на 3 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на едрилица,
– Обука на 5 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на ултра лесни авиони,
– Обука на 10 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на параглајдер,
– Обука на 2 кандидати за стекнување на дозвола за падобранец.

Или вкупно финансирање на 50% од цената на чинење за обуките на 27 кандидати.

Со ова се потрудивме да опфатиме поширок спектар на воздухопловен персонал, дел – обуки кои се основа за понатамошен професионален развој и градење на професионална пилотска кариера и дел на обуки од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари.

Покрај тоа што ќе создадеме минимум 27 нови воздухопловци, целта на овој проект е да ги раздвижи и обнови активностите во аеро клубовите и спортските аеродроми кои соочувајќи се со финансиски проблеми, нерешени имотно правни односи, без помош од државата – полека замираат, а кои во минатото беа основата за создавање на персонал кој подоцна го користеле и МО, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.

-Би сакал да напоменам дека 27 кандидати за воздухопловен персонал во исто време на обука во Република Македонија немало во последниве 25 до 30 години, потенцира директорот на АЦВ, Драги Стојаноски.

Слични