Повик на претседателите на Хрватска и Словачка: Војната во Украина не може да се реши со оружје, неопходен е дијалог со Русија

Претседателите на Хрватска и Словачка, Зоран Милановиќ и Петер Пелегрини, денеска во Загреб порачаа дека е неопходно обновување на дипломатскиот дијалог со Русија, нагласувајќи дека продолжувањето на воениот конфликт во Украина не води кон траен мир.

– Нема никакво оправдување да не се водат разговори со Русија. Ако нема дијалог, зошто постои дипломатијата?, рече Милановиќ на заедничката прес-конференција. Тој потсети дека дури и во текот на Студената војна, Западот и Советскиот Сојуз никогаш не ги прекинале контактите.

Хрватскиот претседател изрази солидарност со украинскиот народ, но нагласи дека ситуацијата на фронтот не е поволна за Киев, и дека украинската војска се соочува со сериозен недостиг од луѓе, додека руската армија, иако не голема, има „поорганизирана структура“.

Пелегрини ја поддржа позицијата на Милановиќ.

– Не може да се победи нуклеарна сила со воена сила, оцени претседателот на Словачка.

Тој ги повика лидерите на НАТО, ЕУ и САД да го обноват дијалогот со Москва и изрази надеж дека Европската Унија ќе заземе поактивна улога во мировниот процес.

Словачкиот претседател рече дека неговата земја и натаму го поддржува Киев, но предупреди дека географската близина до конфликтот претставува директен ризик за Словачка. – Живееме со опасноста од тоа ракета да падне на наша територија – а немаме сопствен систем за противвоздушна одбрана, рече Пелегрини.

Двајцата лидери ја истакнаа добрата билатерална соработка, а Пелегрини изрази интерес за користење на хрватскиот терминал за течен природен гас на островот Крк и поддршка за членството на Хрватска во ОЕЦД.  (МИА)

Слични