Куртоа во одбрана на СКП: Ако им верувате на четворица твитерџии дека турнирот е ср*ње…

Реал Мадрид го победи Јувентус со 1-0 и обезбеди пласман во четвртфиналето на Светското клупско првенство, кое првпат се игра во новиот формат со 32 клуба. Единствениот гол на мечот го постигна Гонзало Гарсија во 54. минута, а „кралскиот клуб“ за три дена ќе игра против Борусија Дортмунд.

Турнирот кој се одржува во САД доби сериозни критики се обвинува ФИФА дека непотребно ги троши фудбалерите кои веќе одиграле долга сезона, се поставува прашање за квалитетот бидејќи недостасуваат клубови како Барселона, Ливерпул, Милан, Арсенал и Наполи, а се игра и по големи горештини пред речиси празни трибини. Неколку мечеви беа и прекинати поради лоши временски услови.

Но, по завршувањето на натпреварот против Јувентус, Тибо Куртоа испрати директна порака до критичарите:

„Ако им верувате на четворица твитерџии што велат дека Клупскиот Мундијал е ср*ње, тогаш сте во голема заблуда. Овде играат врвни екипи! Бразил има клубови со висок квалитет, Ал Хилал има одличен состав, Монтереј можеше и да ја победи Борусија… Не се само европските клубови добри. Ова натпреварување има голема фудбалска вредност и нуди навистина интересни натпревари“, рече белгискиот голман.

Слични