АНАЛИЗА: ,,Името поважно од се! ‘‘
50 милиони евра македонски граѓани и компании инвестирале во станови во Грција во изминатите 5 години, според статистиката на банката на Грција. Стотици илјади македонски граѓани го посетуваат јужниот сосед и оставаат милиони евра во грчкиот туризам и стопанство. Почна изградбата на граничниот премин Маркова Нога. Почна изградбата на гасоводниот интерконектор. Ќе се гради брза пруга меѓу двете земји. Грчките воени авиони патролираат над македонското небо. Соработката на сите нивоа оди во нагорна линија.
Но, од првата официјална посета на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на Атина, се цитира само еден детал на кој се пожали неговиот грчки домаќин Јоргос Герапетритис: важноста од целосното, конзистентно и доследно спроведување на Преспанскиот договор, вклучително и употребата на уставното име на земјата од страна на вашата влада‘‘.
И точка!
Сега е јасно дека единственото што го бараше Грција преку децениската блокада на Македонија, име со придавка за сите употреби, успеа да го добие со Преспанскиот договор, потпишан од ,,кумовите‘‘ Зоран Заев и Никола Димитров.
Ако на тоа се придодаде целосно отстапување на античкото минато и грижата за Македонците во Грција, тогаш Атина доби се. Јасно е дека јазикот не можеше да го смени оти е кодифициран и заведен во Обединетите Нации.
Оттаму е континуираното грчко инсистирање на употреба на името Северна Македонија, пред се од владини и државни претставници. Оти без тоа Грција нема ништо.
Оттаму на се останато не се обрнува посебно внимание. Оти бизнисот врви, луѓето комуницираат. Двете земји во одредени случаи, како кочанската трагедија и пожарите и се помагаат.
Никој повеќе не ја спомнува и заедничката историско-образовна комисија, за чија работа не знаеме ништо, ниту за комисијата за трговските марки.
Од обврските на Атина, пак Грција се уште ги нема сменето сите патоказни табли, као на север да се граничи со безимена држава, ниту пак се ратификувани трите меморандуми заглавени во грчкиот парламент.
Не дека без нив соработка нема, но се важни од аспект на документи донесени од грчкиот законодавен дом.
Првиот, ,,Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ‘‘. Иако нератификуван, Грција засега ако не ни помага барем не ни одмага.
Вториот, ,,Меморандум за основање Координативен комитет за економска соработка‘‘, со кој треба да се формира Комитетот за економска соработка од 18 членови, по 9 од секоја страна, не е формиран. А, токму тој треба да ја подигне економската сорботка на повисоко ниво.
И третиот, за заштита и надгледување на македонското небо од страна на грчките воени авиони е единствениот кој не е ратификуван, но се спроведува.
Е затоа на Грција и е важна употребата на уставното име, Северна Македонија, ерга омнес, оти за таа победа беше во состојба да не блокира уште многу децении.
Затоа при секоја средба, грчките авторитети ќе потсетуваат на: важноста од целосното, конзистентно и доследно спроведување на Преспанскиот договор, вклучително и употребата на уставното име на земјата од страна на вашата влада.
ПС
Без Преспанскиот договор, Договорот за добросоедство со Бугарија ќе беше само еден од многуте билатерални договори потпишани во изминатите децении. Преспанскиот, со кој го сменивме уставното име е тој кој и даде сила на Софија да не’ негира од антиката до денес. Се разбира по грчки терк.
Ако еднаш успеало, зошто да не успее повторно!
