Раул: Ираме дома и знаеме дека сме многу силни пред нашите навивачи

Тренерот на македонскиот ракометен шампион Раул Алонсо во пресрет на дуелот од европската елита истакна дека моментално во мислите им е само натпреварот со романскиот шампион, за кого зборуваше со суперлативи.

„Имавме тешки натпревари минатата недела. Посебно беа тешки и заради долгиот пат во Португалија. Мислам дека во Лисабон игравме 45 минути на одлично ниво и на крај можеби поразот беше преубедлив по настапот на екипата. Немавме многу време да го подготвиме натпреварот против Охрид, практично одработивме само еден тренинг. Бевме уморни, но играчите завршија одлична работа, го контролиравме натпреварот во секој момент и заслуживме да победиме. Сепак, оваа недела беше голем предизвик за нас.

Сега го подготвуваме натпреварот против Динамо Букурешт. Алкалоид ни доаѓа подоцна, па прво се спремаме за Романците. Откако еден ден се фокусиравме на рекуперација, сега сме во полна работа за мечот в четврток. Среќни сме што пак ќе играме во Европа пред нашите навивачи. Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, рече Шпанецот.

Слични