Изложба со слики на Рембрант и други холандски сликари, на 750-годишнината од основањето на Амстердам
Одбрани 75 дела во приватна сопственост, од холандски стари мајстори на уметноста, меѓу коишто се и 18 со потпис на Рембрант, ќе бидат изложени по повод 750-годишнината од основањето на Амстердам.
Изложбата насловена „Од Рембрант до Фермер, ремек-дела од збирката Лајден“ во музејот „Х’АРТ“ во центарот на холандската престолнина, ќе биде отворена денеска. Музејот ја опишува изложбата како „уникатен и интимен поглед на Холандија од 17. век низ очите на големите холандски мајстори“, меѓу кои и Рембрант Херменсон ван Рајн и Јоханес Фермер. Меѓу уметничките дела има и слика на Марија Шалкен, една од ретките жени кои во своето време биле признаени како сликари. Од помалку познатите уметници чии дела ќе бидат изложени се Франс Халс, Јан Стин, Фердинанд Бол, Жерар Доу и Франс ван Миерис.
Toj 17. век се смета за своевидна златна ера на холандската уметност и купувањето дела од страна на сладокусците.
Изложбата го прикажува животот во Амстердам – од храна, пијалак, читање, музика до сцени од родителството, третото доба, како и портрети и автопортрети. Нагласката е на 17 слики и еден цртеж на Рембрант, кој се преселил во Амстердам од Лајден во 1630 година.
Американско-францускиот колекционер на уметнички дела, милијардерот Томас Каплан уште од детството бил фасциниран од Рембрант, па решил да ја прикаже колекцијата „Лајден“ во чест на холандскиот уметник.
На интернет-страницата на „Х’АРТ“ е наведено дека со изложбата се одбележува 750-годишнината на градот Амстердам, основан во 1275 година. Изложбата е отворена до 24 август оваа година.