Лазаров: Треба да сме перфектни против Австрија, а потоа со Вујо…

Пласманот во главната рунда е веќе осигуран, а селекторот Лазаров нема многу време за подготовки за новите предизвици, ако се знае дека нашите ракометари веќе утре ги очекува пресметка со селекцијата на Австрија.

Според него, Македонија ќе мора да го крене нивото на игра во нападот и да ја подобри ефикасноста бидејќи само со перфектно издание можеме да се надеваме на позитивен резултат и победничко отворање на главната фаза.

„Ќе биде возбудливо против Австрија, ќе се бориме до самиот крај. Немаме многу време, но ќе се обидеме да се спремиме, ќе го додадеме нашиот максимум. Австрија е сериозен противник, треба да бидеме перфектни за да очекуваме нешто. Мораме да работиме на реализацијата бидејќи во еден посериозен меч со ваква реализација ќе биде многу тешко. Мислам дека момците се свесни за тоа и ќе биде подобро“, изјави Лазаров.

„Имаме искуство од вакви турнири, добро ги менаџираме работите. Против Гвинеја со сочувавме Митревски, Маркоски, Пешевски, Митев, Лазаревски и Велковски. Митев има ситна повреда не можеше да игра на вчерашниот меч, можевме да ризикуваме ама не го сторивме тоа. Познавајќи го него и неговиот карактер се надевам дека ќе опорави 80%“, додаде македонскиот селектор.

По дуелот со Австријците, Македонија во второто коло ќе се сретне со Катар на чија клупа седи поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ.

„Вујо е интересен лик за јавноста и за нашите навивачи, има добро минато со Македонија. Мислам дека е голем џентлмен, како што кажав доста интересен за медиумите, очекувам да биде коректен. Нека победи тој што ќе биде подобар“, истакна Кире Лазаров.

Слични